
ДА БИДЕМЕ СЕРИОЗНИ, состојбата со бугарската Комисија е АЛАРМАНТНА
Богојески објави негова реакција во врска соопштението на бугарската Комисија за историја, во кое таа сама себе се демантира и продолжува со платеничкиот ангажан за уништување на македонскиот идентитет.
Богојески го објави следниот коментар:
„Почитувани граѓани,
состојбата со бугарската Комисија за историја е алармантна. Без воопшто да се задржам на историски дубиози, македонско – бугарски расправии за работи за кои ниту една страна нема доволно аргументи, сакам да потенцирам многу опасна тенденција која во текот на вчерашниот ден ни беше соопштена од страна на ликови кои се претставуваат за професионалци, па некои дури и академици.
Имено, истите во нивното соопштение, како реакција на јавната осуда за нивните небулозни компромиси со Бугарија, соопштуваат, цитирам:
Прво, разочарувачки е што во нападите овие историчари не сфатиле дека овие текстови не се научни статии во кои треба да се толкуваат фактите и дека во нив не може да се дадат сите податоци. Толкувањата и историографската дебата ќе продолжи и понатаму по овие препораки.
Второ, не можеме да разбереме како би ги направиле овие личности македонски ако споменевме дека Св. Кирил и Методиј биле испратени од Византија во мисија во Моравија или дека се родени во Солун од родители Ромеи кои биле во служба на Византија и зборувале на грчки јазик?
Трето, како потенцирањето на Словени ќе ги направи разликите помеѓу Македонците и Бугарите, кога и бугарскиот народ е словенски народ? – затворен цитат.
Да парафразирам, Комисијата во очи јавно ни соопшти дека неа не ја интересираат вистината и фактите, туку била задолжена само да ги задоволи бугарските небулозни апетити за фалсификување на историја и легализација на нивниот живковистички порив.
Така, тие самите признаваат дека не работеле на научно ниво, значи логично е дека станале политичари или измеќари на политичари кои ги плаќаат со наши пари, а најскандалозно е што, замислете не разбирале како ќе ги направеле Св. Кирил и Методиј македонски ликови, ако ја соопштеле вистината дека биле ромејски мисионери. СКАНДАЛ!
Скандал од невидени размери! Јавно самите кажуваат дека фалсификувале вистина, за да исполнат бугарски желби, па ако не можеле со вистината да македонизираат некои историски ликови, тогаш слободно дозволиле тие да се бугаризираат. Која мизерија од луѓе!
И последно, замислете тие констатирале дека Бугарите во среден век биле Словенски народ. Молам? Дека немало разлика помеѓу домородното население, чедата на словото или Словени или чедата на славата или Славјани и дојдените бугарски хунски племиња под водство на аспаруховото Дуло! Можете ли да замислите кое е ова лудило, од луѓе кои инсистираат на професионализам и аргументација?
Овој професионализам од муртинско ниво не поминува драги пријатели. За жал го уништивте и нивото на таа Академијата, каде започнаа да се вработуваат академици како партиски лепачи на плакати.
Да бидеме на чисто, јас цел живот се борам за објективизација на историјата, особено расчистување со бугарското прашање во Македонија, но ова што го прават овие академиците на зајковизмот, не беше било до сега. Ова нема врска со објективизација и демистификација на историја.
Ова е срамна политизација и злоупотреба на историјата во партиски интереси на власта. Ова веќе го проби и најниското непрофесионално дно, за кое бев чул низ годините наназад.“ – завршува Богојески.