
Османи ветува дека од утре ќе почнат пристапните преговори со ЕУ
Реципроцитетот е принципот содржан во протоколот, кој денеска во Софија беше потпишан од министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, а кој, како што појасни Османи на денешниот брифинг со новинарите во правна форма претставува записник од состанок, во кој се прави пресек на постигнатите резултати од дијалогот и меѓусекторската соработка во периодот 2019-2022.
Со оглед на тоа дека меѓувладината комисија не се состанала од 2019 година, по бугарското вето, во денеска потпишаниот документ е содржан периодот од три години, а вообичаено е овој документ се потпишува еднаш годишно.
Османи денеска пред новинарите ја презентираше содржината на Протоколот, кој освен податоците за политичкиот дијалог, средбите, работата на меѓусекторските групи, ги содржи и точките од пакетот четири плус еден и што се очекува од двете земји во тие области, согласно Договорот за добрососедство.
Поддршката за евроинтеграцијата на Македонија е составен дел од Протоколот, а тука се појаснува одржувањето на првата Меѓувладина конференија со ЕУ, која во случајот на земјава е поделена на две фази – политичка конференција, почеток на процес на скрининг, а потоа и втората конференција и отворање на поглавјата, но откако Македонија ќе ги внесе Бугарите во Уставот.
Османи денеска истакна дека скринингот почнува веднаш по меѓувладината конференција на 19 јули.