
Кумановци на масовен протест против „францускиот предлог“
Не смее да се преговара за македонскиот јазик и идентитет, беше порачано на протестниот марш против францускиот предлог одржан вечерва во Куманово.
Протестот организиран од здружението „За наше Куманово” почна од центарот на градот од улицата „Ленинова” и преку централните градски улици, а заврши пред споменикот на градскиот плоштад.
Учесниците со транспарентни и со знамиња кажаа дека „сакаат влез во ЕУ, но не по цена на идентитетот и јазикот”.
На присутните им се обрати кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кој се осврна на францускиот предлог, велејќи дека е едностран и оти нема никакви обврски за втората страна.
Тој им се обрати и на премиерот Димитар Ковачевски и на пратениците кои потекнуваат од Куманово, да не заборават од каков град доаѓаат.
Куманово е за Европа, Македонија е за Европа, но онаа Европа отворена за сите, без уцени и ултиматуми. Во Европа ќе влеземе како Македонци кои говорат македонски јазик – порача Димитриевски.