
КАПИТУЛИРАШЕ СПЦ, мораа да ја прифатат реалноста за МПЦ – ОА
Под притисок на одлуката на Вселенската Патријаршија за признавањето на МПЦ – ОА за засебна Црква, денес Соборот на СПЦ прифати капитулација и го одобри канонското единство на СПЦ со Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Со тоа, како што јавуваат српските медиуми, е решен спорот кој датира од 1967 година, кога Македонска православна црква прогласи своја автокефалност.
Пред ваквата одлука на Собранието биле обновени разговорите меѓу српскиот патријарх Порфириј и македонскиот архиепископ Стефан, кои се водеа на преговарачка маса во Ниш и тоа во најголема тајност.
„По 20 години, откако на 17 март 2002 година беше постигнат Нишкиот договор меѓу Српската православна црква и МПЦ, на истото место, за време на првомајските празници, повторно беше воспоставена официјална комуникација, а плодовите од таа комуникација вродија со денешната одлука на Собранието“, наведуваат медиумите во Белград.
Од СПЦ соопштија дека се поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, најшироката можна автономија и целосна независност на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, доделена во 1959 година, „благодарение на Бога и со радост“. „Бидејќи со ова се отстранети причините за прекинот на литургиското и канонското причестување, предизвикано со прогласување на автокефалноста во 1967 година, се воспоставува целосно литургиско и канонско причестување“, се вели во соопштението.
Дијалогот за идниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен, туку и наменски, легитимен и реален, велат од СПЦ, кои се соочени со реалноста дека тие епархии веќе не се под нивна надлежност, а се веќе во канонско единство со Вселенската Патријаршија.
Со воспоставување единство на канонски основи и под услови на важење на канонскиот поредок на целата територија на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен, туку и наменски, легитимен и реален.
„Во дијалогот за нивниот иден конечен канонски статус, СПЦ ќе се води само и исклучиво од еклисиолошко-канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за ‘реалполитички, геополитички, црковно-политички’ и други слични факти или еднострани иницијативи и не подлегнувајќи на ничии влијанија или притисоци“, велат од СПЦ.
Притоа се додава дека Собранието нема намера да ја условува новата сестринска црква со рестриктивни клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и во дијаспората.
Ваквата вест следи откако Македонската православна црква – Охридска Архиепископија демантираше дека планира одржување заедничка света архиерејска литургија меѓу великодостојниците на МПЦ и на Српската православна црква на крајот на годишниот Собор на СПЦ, којшто ќе се одржи во Белград.
Српските медиуми викендов јавија дека СПЦ планира да „признае единство“ со МПЦ-ОА на крајот на овогодишниот црковен Собор, по што великодостојниците на двете цркви заедно би отслужиле света архиерејска литургија, што би претставувало знак на „помирување и обнова на единството“.
Но тоа не се оствари, бидејќи точката за МПЦ – ОА беше ставена за прва на тој Собор, а претставници на нашата Црква нема да сослужуваат до српските Владици.
Извори на МИА во МПЦ-ОА, посочуваат дека во претходниот период било разговарано за таква можност, но дека сега, по одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква, работите се променети и дека не се планира одржување на заедничка богослужба со српските црковни великодостојници. Со тоа пропаднаа плановите на СПЦ да ја понижи и стави под контрола нашата МПЦ – ОА.
На 5 јуни, на празникот Педесетница или Света Тројца, најверојатно во Цариград поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископ охридски и македонски Стефан ќе одржи прва заедничка богослужба со вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Светиот Синод на Вселенската патријаршија на 9 мај, под претседателство на вселенскиот патријарх Вартоломеј донесе одлука со која МПЦ – Охридска Архиепископија ја призна за канонска црква. Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на македонската црква, туку претставува објава дека црквата веќе не е во шизма и раскол со православниот свет.
Соборот на Српската православна црква денеска немаше друг избор освен да одобри канонско единство со МПЦ-ОА, со што, како што објавуваат српските медиуми, „решен е спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ“.
Претходно, во врска со ваквата најава, портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј во изјава за Пресинг ТВ, само кусо одговори дека „ниту ја потврдува, ниту ја демантира ваквата информација“.