
ЕКСКЛУЗИВНО (видео) што е договорено со Бугарија, дали промена на Устав или избори
Бугарскиот премиер Кирил Петков отворено соопшти што е договорено со Македонија, особено фактот што тој никогаш не сметал дека треба да се укине ветото за Македонија за членство во ЕУ, туку дека требало да се помести. Прв дел од договорот, ветото не се укинува, туку се поместува за неколку месеци, со цел формално Македонија наводно ќе започне преговори, владата на СДСМ да опстои, а повторно ништо да не се случи додека не се промени уставот на државата.
– Промената на Уставот во Македонија мора да се случи пред првото поглавје и треба да ги ставиме на колосек за Европа, но критериумите што треба да ги исполнат мора јасно да бидат поставени од нас – изјави бугарскиот премиер во интервјуто за бугарската Нова ТВ.
Тоа значи дека во јуни Македонија формално би започнала преговори, но нема за ништо друго да се преговара освен за бугарските барања, кои од бугарски ќе станат европски. Односно, во септември да се менува Уставот со цел да се вметнат Бугари во него, а да се спречат предвремени парламентарни избори, на кои би паднале СДСМ од власт.
Според него, важно прашање се правата на Бугарите во Македонија.
– Ѝ даваме пат на Македонија кон Европа, но овој пат е поплочен со барања и обврски, јасно врамени и кои ги користи цела Европа за да обезбеди напредок што сите сакаме да се случи таму – нагласи тој.
Ова е бугарската стратегија, како би ја киднапирале македонската агенда за европеизација на Македонија и би ја претвориле во агенда за ребугаризација на земјава.
Прво, Македонија се согласува сите бугарски барања да влезат во европскиот протокол за преговори со земјава, односно бугарските да станат европски услови. Реализација на тие бугарски барања да оди постепено, што би кажал премиерот Петков, „това не може да мине за един ден“, но да се започне со промена на македонскиот Устав.
Потоа, одлуката за европска интеграција на Република Македонија ќе ја донесе само бугарскиот парламент. Односно откако ќе се исполнат сите желби на Захариева и Каракачанов, а тоа е бугаризацијата на Македонија да стане официјален услов за влез на земјава во ЕУ, бугарскиот парламент ќе донесе одлука не за тргање на бугарското вето, туку за поместување на истото на првото поглавје.
Ако за сите нормални земји, прво поглавје беше владење на правото, за Македонија со согласност на власта на СДСМ, прво поглавје ќе биде внесување на Бугарите во Уставот на земјава.
Петков отворено кажува дека „разумно е да се даде надеж на Северна Македонија, а во исто време да бидеме цврсти и бескомпромисни дека мора да се исполнат сите наши барања на патот на нашиот сосед кон Европа.“ Односно, добро е да се залаже Македонија да си потпише самоубиство, да прифати бугарските да станат европски услови, како името услов за НАТО, сега идентитетот услов за ЕУ, што би рекол Петков, тоа е разумно за Бугарија, а потоа ќе им ја пуштиме целата фактура за наплата.
„Тоа значи постепено спроведување на императивите поставени од Бугарија – промена на Уставот, заштита на бугарската заедница, отворање на архивите и запирање на јазикот на омразата“ истакнува Петков.
Заклучокот е дека ветото останува, се додека Македонија не ги прифати сите барања на Бугарија никогаш нема да влезе во ЕУ, но сега ќе ги пуштиме формално наводно да преговараат, за да го спасиме Таче попусливиот да остане на власт, за да си ги реализираме сите наши бугарски соништа.
Доколку се случи некој Бугарин од Македонија да го избрка жената од дома, како онаа несреќата од Битола, веднаш се активира бугарското вето за Македонија бидејќи Бугаринот бил „под натиск“. Или ако некоја бугарска партија не влезе во Парламент и нема свои пратеници, веднаш бугарско вето за ЕУ интеграција. Или ако нема 100.000 попишани Бугари во Македонија, тоа значи не се слободни да се изјаснат и повторно вето за Македонија.
Ако до сега ова беа само бугарски будалаштини и желби, од сега со потпис на Таче, тие ќе станат европски барања и проблеми за земјава. Што значи со македонска согласност да се самоукинеме и да дозволиме на Бугарија да се меша во секоја пора од внатрешниот живот на земјава.
Следно е „отварање на архивите“ што во превод значи промена на историјата. Доколку Македонија не го прифати бугарскиот историски наратив за свој, повторно вето за влез во ЕУ. Доколку не прифатите дека сите антикомунисти или сите борци за независна Македонија, а не за Југославија биле всушност Бугари, тогаш нема ЕУ.
Или запирање на јазик на омраза значи дека ако некој Македонец им се спротистави на бугарските желби и интереси, ако објави или има ставови кои не им се допаѓаат, тогаш веднаш да биде замолчен, зашто ветото повторно се активира. Ова е повеќе од скандал. Ако сакате ЕУ, има да молчите и ние да ви кажуваме што смеете, а што не смеете, смета Бугарија, а тоа Таче сака да го прифати и потпише. Не смеете да размислувате со македонска, туку ќе размислувате со бугарска глава, зашто вашите македонски мисли се говор на омраза за нас Бугарите и со тоа добивате вето!
На следен линк, после 10мин и 40 сек го имате целиот одговор на Петков за Македонија: