БОГОЈЕСКИ до ТАЧЕ и АХМЕТИ, лекција за Пописот и за сопствените изјави?

Изјави, Македонија

„Пописот е статистичка операција, а не етничка, ниту политичка операција, и државата го спроведе со цел да ги имплементира своите економски и развојни политики врз основа на бројки.“ – истакна премиерот Ковачевски на неговата фејзбук страна.

“Јас имам работено 22 години во реалниот сектор и секогаш кога се прави деловен план за почетокот на следната година се земаат податоци за резидентното население во државата.

Овој попис е од значење за да креираме економски политики кои што ќе се свртат кон човечкиот капитал, кон инвестициите и кон отворање на поголеми можности, особено за младите да останат во земјата.“ – затворен цитат од Ковачевски.

Лидерот на Македонски концепт Петар Богојески од своја страна ја поздрави оваа изјава на премиерот Ковачевски, со прашање, „Зошто премиере не го испочитувавте ова што го изјавивте? Зошто токму вашата владина коалиција ги исполитизира резултатите на пописот, од статистичка ја претвори во политичка операција?

Еве на пример, јас со вас целосно се согласувам во врска со важноста на точната бројка на резидентно население, со цел да дојдеме до прецизни проекции за економски раст и развој како на државата, така и на приватниот сектор. Тогаш, зошто токму вие не побарате да се прецизираат бројките, тие непопишани 150.000 граѓани да се попишат, а тие уфрлени 50.000 нерезиденти да се отфрлат, со цел да дојдеме до тоа кое токму вие го кажувате?

Или вашиот договор е токму тие 50.000 од странство да заменат други граѓани кои се во Македонија, со цел да исполните нечии барања и апетите за вашата коалиција и влада да опстане? – прашува Богојески.

Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети порача дека пописот на населението не треба да се претвори во политичка битка. Според него, резултатите од пописот се прифатени од сите институции во земјава и од релевантните меѓународни организации.

„Пописот, статистиката во државата, не треба да се претвори во бесмислена меѓуетничка битка. И јас сум граѓанин на оваа држава и ги гледам реакциите, но ми се чини дека сета оваа битка се врти за освојување политички поени и рејтинзи на политички план. Овој статистички потфат е управуван, следен од релевантни институции на ОН со експерти од областа на статистиката и ова е резултатот. Овие резултати се политички поддржани и од ЕУ и од САД, изјави Ахмети по учеството на настан организиран од општина Чаир.

„Ако отвориме спорови, Албанците ќе кажат дека и 200 до 300 илјади не се попишани, и Македонците, исто така и Србите, Турците… и што ќе правиме, ние нашата земја ќе ја претвориме во арена на дебати што не водат никаде, освен внатрешно расипување на односите меѓу етникумите. Во секоја земја има 10-12 проценти од населението кое не е попишано и во најдемократските земји.

Вакво нешто можеби направиле македонски, албански, турски граѓани, кои не се одѕвале на повикот на државните институции за спроведување на граѓанскиот чин за попишување на жителите и општото богатство на граѓаните. Условите за сите беа еднакви. Државните институции постапуваа за сите без никаква разлика, но ова е резултат што е прифатен од надлежните институции. Внимателно ги слушав експертите за статистика на ЕВРОСТАТ кои го оценуваат како статистички потфат. Ќе апелирам до сите политички партии да не ја политизираат и да не ја расипуваат состојбата меѓу етникумите“, рече Ахмети.

Господине Ахмети, ако пописот не е етничка битка, тогаш што бараат во македонскиот попис да се мешаат премиерите на Косово и Албанија? – прашува Богојески.

Ако толку сте загрижени за меѓуетничките односи, тогаш зошто на тој начин беа објавени резултатите, со триумфализам на Албанците во однос на останатите етникуми? Изгледа сте изумиле дека исто како вас, така и јас сум граѓанин на оваа држава, ги следам реакциите и забележувам дека овој попис е се, само не статистика и пребројување на граѓани. Зошто толку инсистирате по секоја цена Албанците да бидат вештачки над 20 %? Поради вашата грешка со Охридски договор?

Јас сум согласен итно да се промени Уставот, да се тргне процентот 20% од него и секој граѓанин да добие полни еднакви права, без разлика на кој етникум припаѓа. Да се тргнат сите квоти за некава си правична застапеност, да престанеме да ги делиме граѓаните на вакви или онакви, сите сме еднакви. Дали господине Ахмети сте согласен со ова или вие очекувате поинаква промена на Устав?  – коментира Богојески?

Дали сте свесни дека преку злоупотребата на ЕУ и САД преку вашите лични етнички амбиции, создавате огромна антизападна клима, а со тоа дирекно му помагате на Путин и руското влијание во земјава. Кој ви кажа дека ЕУ и САД стојат зад манипулациите со овој попис? Тоа сакате да кажете, дека ЕУ и САД се кумови на бришењето на илјадници граѓани? Не е прифатливо да зборувате во туѓо име од ваша перспектива.

Господине Ахмети, работата е многу едноставна. Не треба да манипулираме со Македонци или Албанци, туку просто 150.000 непотпишани граѓани, и такви и онакви, да ги внесеме во евиденција, а нафрлените 50.000 нерезиденти да ги оставиме на листата за нерезиденти. Со тоа пописот ќе биде целосно валиден, точен, прецизен, а доколку спаднат Албанците на 19,5%, јас ќе застанам до вас рамо до рамо да кажам дека правата на граѓаните не смее да зависат од нивната бројност во земјава. – истакна Богојески