Бесплатен зимски одмор и рекреација за деца од семејства со социјален ризик – пријавувањето трае до 3 декември

Дали Знаете, Македонија

Министерството за социјална политика, демографија и млади објави повик за користење бесплатна услуга за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик, деца корисници на посебен додаток, како и деца без родители и родителска грижа, за време на зимскиот распуст во 2027 година.

Право на користење на услугата имаат деца од семејства корисници на детски додаток, додаток за образование и гарантирана минимална помош, родени во периодот од 2012 до 2016 година и редовни ученици во основно образование. Право имаат и децата корисници на посебен додаток до 26-годишна возраст, како и децата без родители и родителска грижа.

Бесплатниот одмор ќе се реализира во смени во времетраење од по пет дена, односно со четири полни пансиони, кои опфаќаат ноќевање, три оброка дневно и ужина. Во рамки на престојот ќе бидат организирани едукативни, забавни и спортски активности.

За децата корисници на посебен додаток е предвидена можност за придружник за време на престојот, а услугата вклучува и организиран превоз до објектот и назад, како за децата, така и за нивните придружници.

Заинтересираните родители, односно лицата кои се грижат за децата, треба да поднесат барање до надлежниот Центар за социјална работа според местото на живеење. Барањето се добива од Центарот за социјална работа.

Крајниот рок за поднесување на барањата е 3 декември 2026 година.

Од Министерството информираат дека лицата на кои ќе им биде одобрено користењето на услугата навремено ќе бидат известени од надлежниот Центар за социјална работа.