Од вторник пролетни температури во Македонија: Ќе се затопли до 20 степени, можна е и сахарска прашина

Времето денес, Дали Знаете, Македонија

Значително затоплување и температури повисоки од просечните за ноември се очекуваат во Македонија од вторник, 10 ноември. Според прогнозата на метеорологот Славчо Попоски, во најтоплите делови од земјава температурите ќе достигнат до 20 степени, а потопло време се очекува и во целиот балкански регион.

Причината за ваквата промена на времето е приливот на значително потопол воздух од Атлантикот, кој ќе донесе пораст на дневните температури, но и потопли утра и ноќи.

„Од вторник (10 ноември), како што и претходно најавив во моите метеоанализи, ширум Балканскиот Полуостров, вклучувајќи ја и Македонија, ни следува поголемо затоплување на времето и значителен пораст на температурите, кои ќе бидат значително над просекот за месец ноември. Сето ова е поради приливот на значително потопол воздух од Атлантикот“, наведува Попоски.

Според неговите најави, температурите во делови од Балканот ќе надминат 20 степени, додека во Македонија ќе се движат од 12 до 18 степени.

„Во Македонија, исто така, од вторник температурите значително ќе пораснат и ќе бидат над просекот за месец ноември. Тие ќе се движат во интервалот од 12 до 18 степени, а во најтоплите централни и југоисточни предели ќе се искачат и до 20 степени“, посочува метеорологот.

Сепак, и покрај затоплувањето, времето нема да биде целосно стабилно. Попоски најавува дека повремено од Атлантикот ќе пристигнуваат и влажни воздушни бранови, кои ќе предизвикуваат локални врнежи од дожд, а на одредени места тие би можеле да бидат и пообилни.

„Повремено од Атлантикот ќе ни доаѓаат и влажни воздушни бранови, кои ќе условуваат повремени и локални врнежи од дожд, кои понекогаш може да бидат пообилни. За време на ова затоплување во Македонија ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец“, објаснува Попоски.

Значително посилен јужен ветер се очекува на Јадранот и во други делови од регионот.

Метеорологот предупредува и на можноста јужното воздушно струење да донесе сахарска прашина и песок кон Балканот, што би можело да влијае врз квалитетот на воздухот.

„Сè на сè, следната седмица Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, го очекуваат пролетни температури и јужно воздушно струење, кое може да донесе и транспорт на сахарска прашина и песок“, истакнува Попоски.

Според неговата прогноза, втората недела од ноември ќе биде значително потопла од вообичаеното за овој период од годината, но со повремени врнежи и променливи временски услови.