Проданоски: Искуствата од другите земји можат да ни помогнат да ги подобриме социјалните услуги
Како да се подобрат здравствените и социјалните услуги на локално ниво е главната тема на меѓународната конференција „Health and Social Services – Challenges and Opportunities“, која се одржува во Прилеп. Настанот го организира Здружението „Центар за развој и едукација“ – Прилеп, во рамките на проектот ТРАНСАКТ.
На панел-дискусиите учествуваат претставници од Австрија, Србија, Албанија, Црна Гора и Македонија. Тие разговараат за законската и институционалната рамка, за предизвиците со кои се соочуваат општините и за можностите услугите да станат поквалитетни и подостапни.
Градоначалникот Дејан Проданоски ги поздрави учесниците и посочи дека Општина Прилеп, во соработка со институциите и граѓанските организации, работи на проширување на услугите за помош и нега во домот. Како приоритети ги издвои и поддршката за повозрасните лица, активното стареење и инклузијата на лицата на кои им е потребна дополнителна грижа.
„Верувам дека споделувањето на искуствата и добрите практики од другите држави може да ни помогне да ги надградиме постојните решенија и да отвориме нови можности за соработка“, истакна Проданоски.
Во рамките на посетата, градоначалникот во Општина Прилеп се сретна и со дел од странските гости, претставници на локални самоуправи и институции од земјите учеснички.
