Коњановски: Три нови спомен-соби за музиката, историјата и културното наследство на Битола

Македонија

Музичка соба, Градска соба и Соба посветена на историјата на Офицерскиот дом се трите нови тематски простори што Битола ги отвори во чест на професорот Александар Стерјовски. Отворањето е дел од четвртоноемвриската програма „Сите бои на сеќавањето“, организирана од Општина Битола и Културниот и информативен центар.

Новите поставки го претставуваат музичкиот живот на Битола, градската историја и минатото на Офицерскиот дом. Преку нив, посетителите ќе можат поблиску да се запознаат со културните навики, луѓето и просторите што го обликувале идентитетот на градот.

Градоначалникот Тони Коњановски во своето обраќање го истакна придонесот на Стерјовски, кој со децении ја истражувал, запишувал и толкувал историјата на родната Битола.

„Еден град се памети и по начинот на кој живеел. По музиката што се слушала во неговите салони, по луѓето што ги исполнувале улиците, по зградите во кои се среќавале различни генерации“, рече Коњановски.

Тој нагласи дека благодарение на работата на Стерјовски, многу страници од битолскиот живот останале достапни за денешните и за идните генерации.

„Во пресрет на празникот, отворањето на овие простори го насочува вниманието кон културната меморија и кон луѓето чија работа овозможила таа да остане достапна за следните генерации“, порача градоначалникот.

На свеченоста се обрати и директорот на КИЦ, Димитар Михајловски, а присуствуваа претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, секретарот на Општината, Борче Димитровски, советници, гости од збратимените градови и граѓани.

Отворањето на трите спомен-соби претставува признание за посветеноста на Стерјовски и можност неговото дело да стигне до нова публика, во рамките на одбележувањето на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола.