Петровска: Ми нудеа функции за да молчам за состојбите во СДСМ
Пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска откри дека во повеќе наврати ѝ биле нудени високи партиски функции, со очекување да престане јавно да укажува на неправилностите и проблемите во СДСМ. Во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, таа изјави дека меѓу понудите била и функцијата заменик-претседател на партијата.
Петровска посочи дека понудите ги добивала во периодот по внатрепартиските избори во 2024 година, но и за време на локалните избори во 2025 година, кога барала суштински реформи во начинот на функционирање на СДСМ, објави 4news.mk
На прашањето што требало да направи за да ги добие понудените функции, таа одговори:
„Едноставно кажано, да молчам и да се согласам со тоа што се случува. Тоа беше и во септември и октомври 2024 година, тоа беше и помеѓу двата круга на локалните избори во 2025 година“, изјави Петровска.
Според неа, како оправдување постојано ѝ било посочувано дека не е вистинското време за длабоки реформи во партијата и дека промените треба да се спроведуваат постепено.
„Таквите изговори дека постепено ќе спроведуваме реформи, во суштина само го купуваат времето за ВМРО-ДПМНЕ, а се разбира, на штета на СДСМ“, рече Петровска.
Поранешната министерка се осврна и на причините поради кои во јуни 2024 година се повлече од трката за претседател на СДСМ. Таа повтори дека тогаш имала сериозни забелешки за избирачките списоци, тврдејќи дека во одредени општински организации меѓу регистрираните гласачи имало и лица со членски книшки на ВМРО-ДПМНЕ, како и починати лица.
„Ми беа давани разни понуди дека јас ќе бидам една од функционерите, односно заменик-претседател на партијата и така натаму, објави 4news.mk Не е тоа прашањето. Не можеме ние во континуитет да ги лажеме или да им даваме лажна надеж на членството, па и на граѓаните пошироко, дека се подобруваме, дека сме ги научиле грешките, а да ги повторуваме истите грешки“, истакна Петровска.
Таа објасни дека и покрај забелешките, одлучила да му даде шанса на новото раководство да ги исправи неправилностите и да започне процес на внатрепартиска демократизација.
Сепак, според неа, и повеќе од две години подоцна не биле направени суштински промени, особено во процесот на избор на претседатели на општинските организации, кандидати за градоначалници, советници и пратеници.
Петровска смета дека централизираното носење одлуки создава незадоволство кај членството, кое, како што рече, не смее да се повикува само кога на партијата ѝ се потребни гласови, присуство на протести или масовност на политички настани.
Таа нагласи дека токму демократизацијата и поголемата вклученост на членството се дел од барањата на иницијативата за промени во СДСМ, во која и самата учествува.
