Три алпски врвови над 4.000 метри за Давид и Анастасија, кои имаат само 11 и 12 години
Еден месец на Алпите, неколку искачени врвови над 4.000 метри и целосно помината Breithorn Traverse се дел од летната авантура на 11-годишниот Давид и 12-годишната Анастасија Цекови, кои заедно со нивниот татко Иван Цеков реализирале повеќе технички сложени алпинистички искачувања.
Меѓу нивните достигнувања се искачувањата на Roccia Nera (4.075 метри), Pollux (4.092 метри) и Castor (4.223 метри), како и целосната Breithorn Traverse, насока што минува преку гребените на масивот Breithorn и завршува на западниот врв, висок 4.164 метри.
Семејството на Алпите пристигнало на почетокот на август, по повеќемесечни подготовки. Пред експедицијата, Иван Цеков лично ја поминал планираната насока за да се запознае со теренот, техничките делови и можните опасности. Фотографиите и видеоснимките од искачувањето подоцна ги разгледувал заедно со децата.
Условите во август биле различни од оние во април, кога таткото ја проверувал насоката. Глечерите биле повлечени, а делови од карпите останале без снег, што ги направило некои премини технички посложени.
При пристигнувањето во бивакот Rossi e Volante, Давид и Анастасија почувствувале вртоглавица и мачнина, симптоми што укажувале на можна висинска болест. Семејството го одложило планираното искачување и побарало лекарска консултација. Откако симптомите целосно се повлекле по дополнителниот одмор, продолжиле со планот.
Искачувањето на Roccia Nera било проследено со целосната Breithorn Traverse. Турата започнала во четири часот наутро, а семејството се спуштило од планината околу 19:30 часот, по повеќе од 15 часа движење по изложени карпести и снежни гребени, технички премини и делови на кои било потребно спуштање со јаже.
„На одредени места се движевме буквално по карпест нож, со голема изложеност од двете страни. Тоа се делови каде што нема простор за невнимание и каде што секое движење мора да биде прецизно и контролирано. Некои од тие делови беа навистина тешки дури и за мене“, раскажува Иван Цеков.
При техничките искачувања, тројцата се движеле во наврска, со таткото на чело, Давид зад него и Анастасија на третата позиција. Иван објаснува дека децата самостојно ги совладувале техничките делови, додека тој поставувал осигурување со јаже.
По неколкудневен одмор во Червинија, семејството повторно се искачило до бивакот Rossi e Volante, од каде што го започнало искачувањето на Pollux. Потоа продолжиле кон Castor, висок 4.223 метри.
На пристапот кон завршниот снежен гребен на Castor, условите биле значително посложени од оние што Иван ги затекнал во април. За движењето користеле ледени завртки како дел од системот за осигурување. На тесниот и изложен снежен гребен, каде што на одредени места имало простор едвај за едно стапало, Иван застанал заедно со децата да ја проценат ситуацијата и да разговараат за ризиците пред да одлучат дали ќе продолжат.
Во 2025 година, Давид и Анастасија го искачиле и Gran Paradiso, висок 4.061 метар. Според досегашните проверки на семејството, комбинација од вакви алпинистички искачувања не е документирана кај македонски планинари на нивна возраст.
