Путин ја нападна ЕУ поради санкциите: „Кој на друг јама му копа, сам во неа паѓа“
Рускиот претседател Владимир Путин остро ја критикуваше енергетската политика на Европската Унија, оценувајќи дека со откажувањето од рускиот гас Европа ѝ нанесува штета на сопствената економија и го поскапува животот на граѓаните.
На самитот на земјите извознички на гас во Москва, Путин изјави дека обидите Русија да се истисне од светскиот енергетски пазар имаат сериозни последици, пред сè за европските компании и домаќинства.
„Европа самата ѝ нанесува удар на својата индустрија и на социјалната сфера со откажувањето од руските енергенси и раскинувањето на долгорочните договори“, рече Путин.
За да ја опише политиката на Брисел, рускиот претседател употреби поговорка.
„Кај нас има една изрека: Не копај му јама на друг, бидејќи самиот ќе паднеш во неа. Токму тоа им се случи на земјите од Европската Унија“, порача Путин.
Путин нагласи дека Русија останува еден од најголемите играчи на светскиот пазар на природен гас. Според податоците што ги изнесе, земјата располага со најголемите потврдени резерви во светот и го зазема второто место според производството.
Тој прогнозира дека глобалната побарувачка на гас ќе продолжи да расте, поради што ги повика земјите извознички да инвестираат во нови наоѓалишта, производствени капацитети и транспортна инфраструктура.
Според неговите процени, светската потрошувачка на гас минатата година порасна за 1,2 отсто, достигнувајќи околу 4,2 билиони кубни метри. До средината на векот, како што оцени, таа би можела да достигне 5,5 билиони кубни метри годишно.
Путин се заложи и за долгорочни договори за снабдување, тврдејќи дека тие обезбедуваат стабилност за купувачите и сигурност за производителите.
Рускиот претседател откри дека Москва разгледува можности за соработка со американски компании во гасниот сектор, но не прецизира за какви проекти станува збор.
Тој предупреди дека геополитичките тензии, прекините на транспортните правци, ограничениот пристап до технологии и нападите врз енергетската инфраструктура претставуваат сериозни ризици за глобалниот пазар.
На самитот во Москва учествуваат претставници на 12 земји членки на Форумот на земјите извознички на гас, меѓу кои Русија, Иран, Катар, Алжир, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Либија, Нигерија и Венецуела.
Овие земји располагаат со околу 70 отсто од потврдените светски резерви на природен гас и учествуваат со приближно 38 отсто во глобалното производство.
Европската Унија во почетокот на годинава усвои прописи за постепено укинување на увозот на руски гас.
Според предвидениот распоред, забраната за увоз на руски течен природен гас преку долгорочни договори треба да стапи во сила на 1 јануари 2027 година, додека увозот преку гасоводи треба да биде забранет од 30 септември истата година.
И покрај ваквата политика на Брисел, Москва порачува дека вратата за обновување на енергетската соработка останува отворена.
Рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека Русија е подготвена повторно да ги зголеми испораките на гас за европските земји доколку тие покажат интерес.
Во меѓувреме, Русија продолжува да ја развива инфраструктурата кон други пазари на кои побарувачката за природен гас расте.
