Корнишоните му се удрија од глава на зетот на Заев – поднесена е кривична пријава за намерно предизвикување стечај
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Атанас Костов, зет на поранешниот премиер Зоран Заев, кој го сомничи дека намерно предизвикал стечај на својата фирма, додека австриската фирма „АММА“ со години бара да наплати речиси пет милиони евра за измама со извоз на корнишони со пресуда на Арбитражниот суд во Виена.
Додека сѐ уште не е завршена стечајната постапка, финансиската полиција ги товари Костов, неговата фирма од Валандово и уште еден управител на фирма од Дојран за „намерно предизвикување стечај“.
Во соопштението на Финансиската полиција се тврди дека Костов како сопственик и управител на фирмата од 2020 до 2023 година, за да избегне да плати тоа што им го должел на фирми, а најмногу на странски правен субјект, но и на давачки кон Управата за јавни приходи, вештачки ги извлекувал парите од фирмата. Најмногу пари ѝ должел на странската фирма и над 800 илјади денари на УЈП.
-Според прибраните докази постојат основи на сомнение дека првопријавениот A.K. во својство на сопственик и управител, како и овластен потписник на сметките на правниот субјект, во период од 2020 до 2023 година, со цел и со однапред утврдена намера да избегне плаќање на финансиски обврски кон повеќе правни субјекти, а во најголем дел кон странски правен субјект во износ од 289.617.022 денари и Управата за Јавни приходи за износ од 883.283 денари, презел противправни дејствија насочени кон намерно доведување на правниот субјект во привидна финансиска немоќ и со тоа да ја оневозможи наплатата на долговите од страна на доверителите – се вели во соопштението на Финансиската полиција.
Прво се обидел имотот привидно да го префрли на друга фирма, а потоа средствата ги префрлал на фирма во сопственост на неговата сопруга.
– Со цел создавање привидна правна основа за оптоварување на имотот на друштвото, првопријавениот склучил договор за закуп со друг правен субјект со кој исто така управувал. Иако договорот не бил реално реализиран, ниту сметководствено евидентиран, по неговото еднострано раскинување во 2023 година биле евидентирани пенали во износ од 233.700.000 денари, врз основа на кои бил запишан товар врз имотот на друштвото. По приговор на доверителите, Основниот граѓански суд Скопје издал времена мерка со која било стопирано извршувањето. Откако не успеал во намерата за отуѓување на недвижниот имот, првопријавениот, со помош на третопријавениот Ј.Т., презел дополнителни дејствија за предизвикување стечај на друштвото, при што биле префрлени 4.000.000 денари по основ на позајмица, средства кои претходно биле примени од правен субјект основан од сопругата на првопријавениот, по што бил поднесен предлог за отворање стечајна постапка против друштвото – се вели во соопштението од Финансиската полиција.
„Слободен печат“ пишуваше за спорот што го води австриската компанија. Од почетокот на 2023 година формално од пресудата на судот во Виена, трае судскиот спор меѓу австриската фирма „АММА“ и фирмите поврзани со Атанас Костов, сопруг на Емилија Заева-Костова, прва братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев. Австриската компанија не може да си ги наплати побарувањата од речиси пет милиони евра за измама со извоз на корнишони. Поточно, фирмата наместо корнишоните од прва класа да ѝ ги извезува на австриска фирма, таа мамела и извезувала на друга странска фирма.
Пресудата во Виена била донесена на почетокот на 2023 година, но додека траел арбитражниот спор, сопственикот на „Дена продукт“ – Атанас Костов, ги префрла вработените и парите на друга компанија. Тоа е друштвото „Глобал трејд“ на неговата сопруга, но иако беше поднесено обвинение отштетата не може да се наплати.
За овој случај жестоко реагираше поранешниот австриски амбасадор Герог Вуцас, кој во јавна реакција побара смена на судии и јавни обвинители, но и одземање лиценци на извршители и нотари, кои биле пристрасни во постапувањето на спорот. Тој во писмото го спомна и Зоран Заев и неговата роднинска поврзаност со сопствениците на спорните фирми. Заев, пак, дури и најави дека со Вуцас ќе се видат на суд и рече дека целосно се оградува од каква било инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите.
Според последните информации на „Слободен печат“ од Апелациониот суд, стечајната постапка сѐ уште не е завршена. Спорот меѓу австриската компанија „АММА“ и „Дена продукт“ е клучен за тоа кој ќе може да се наплати од стечајната маса на валандовската фирма. И двете страни имаат извршни исправи за своите побарувања, но блиски фирми поврзани со „Дена продукт“ во меѓувреме добиле правосилни нотарски платни налози, бидејќи должникот не поднел приговор.
Една од нив поднела и план за реорганизација, кој, со оглед на гласачките права на доверителите, има изгледи да биде усвоен. Меѓутоа, исходот ќе зависи и од спорот за утврдување дали престанало правото на „АММА“ да го наплати побарувањето врз основа на арбитражната пресуда.
