Проданоски: Го чуваме квалитетот на прилепскиот тутун и традицијата на тутунопроизводството

Македонија

Во Прилеп денеска се одржува Ориенталниот тутунски форум ITGA 2026, во организација на Меѓународната асоцијација на производители на тутун, во соработка со UNITAB и Сојузот „Мака на тутуноберачите“ – Прилеп.

Форумот обединува претставници на меѓународни и европски организации, научни и образовни институции, тутунопроизводители, откупувачи и претставници на тутунската индустрија. Во фокусот се размената на искуства и знаења, како и можностите за идниот развој на ориенталниот тутун.

Градоначалникот Дејан Проданоски истакна дека за Прилеп претставува особена чест да биде домаќин на настанот, кој, според неговата објава, по 14 години повторно се одржува во земјава.

„Тутунот е многу повеќе од земјоделска култура, тој е дел од нашата традиција, економија и животот на многу прилепски семејства“, порача Проданоски.

Тој нагласи дека зачувувањето на препознатливиот квалитет на тутунот, вреднувањето на трудот на производителите и создавањето услови за одржлива иднина на дејноста се заедничка обврска.

Проданоски им се заблагодари на организаторите за довербата, а на делегатите и учесниците им посака успешни дискусии и плодна соработка.