Маск брутално искрен: „Време е Зеленски да си оди“

Политика, Свет

Технолошкиот милијардер Илон Маск го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да се повлече од функцијата, наведувајќи дека е време да заврши неговото раководење со земјата додека трае војната со Русија.

Маск сподели објава од друг корисник на социјалната мрежа „Икс“, во која се тврди дека Зеленски нема намера да ја заврши војната сè додека Русија не биде поразена.

Во објавата исто така се наведува дека украинскиот претседател најмногу се плаши од крајот на конфликтот и од претседателските избори, бидејќи во случај на пораз, тој би можел да се соочи со истрага, па дури и со кривично гонење.

„И така, масакрот продолжува… Време е Зеленски да си оди“, напиша Маск, коментирајќи ја објавата.

Украина оваа недела го обвини Вашингтон дека ѝ помага на Москва, наведувајќи дека Киев не бил предупреден за претстојните ракетни напади, како и дека промените во системот развиен од компанијата на Маск, „Спејс екс“ го попречиле воениот одговор на Украина.

Украинската војска се потпира на сателитски комуникациски системи за одржување на врските на линијата на фронтот, а ограничувањата во нивната употреба предизвикаа дополнителна загриженост во Киев.