ТРАГЕДИЈА ГО ПОТРЕСЕ WOLT: По смртта на 26-годишен доставувач, неговите колеги најавија целодневен штрајк во петок во Словенија

Балкан, Хроника

Љубљана – Доставувачите на храна преку платформата Wolt во Словенија најавија целодневен штрајк за петок, 16 октомври, незадоволни од условите за работа, намалените заработувачки и зголемените трошоци. Одлуката доаѓа само неколку дена по трагичната смрт на нивен 26-годишен колега, кој загина додека доставувал храна во Марибор.

Младиот доставувач го загубил животот во саботата, 10 октомври, во тешка сообраќајна несреќа во центарот на Марибор. Според словенечките медиуми, тој управувал мотоцикл кога се судрил со автомобил, по што од силината на ударот бил отфрлен во друго возило. Починал на самото место од здобиените повреди.

Неговите колеги истиот ден му оддале почит со минута молк, а трагедијата дополнително го насочила вниманието кон проблемите со кои секојдневно се соочуваат доставувачите.

Доставувачите бараат загарантирана заработка од најмалку 20 евра бруто за секој час во кој се достапни за работа, без разлика дали во тој период добиваат нарачки. Доколку нивната заработка биде помала, бараат компанијата да ја надомести разликата.

Тие тврдат дека надоместоците за поединечните испораки постојано се намалуваат, додека бројот на нарачки опаѓа. Истовремено, трошоците за гориво и живот растат, поради што заработката станува сè понеизвесна.

Доставувачите бараат и привремено запирање на ангажирањето нови работници, бидејќи сметаат дека на терен има премногу доставувачи во однос на достапните нарачки.

Дополнително, бараат подобра комуникација со службата за поддршка, односно можност во итни ситуации да разговараат со вистинско лице наместо со автоматизиран систем. Според нивните барања, поддршката треба да реагира најдоцна во рок од три минути.

Штрајкот е најавен за целиот ден, а во 10 часот доставувачите планираат собир во центарот на Љубљана.

Засега не е познато колку доставувачи ќе се приклучат на протестот и колку тоа ќе влијае врз испораките на храна во Словенија.