МПЦ-ОА против кратење на верските празници: Нивното значење не може да се сведе на економска продуктивност
Македонската православна црква – Охридска архиепископија не ја поддржува иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на неработни верски празници, оценувајќи дека нивното значење не може да се разгледува само низ призмата на организацијата на работата и економската продуктивност.
Од МПЦ-ОА посочуваат дека празниците имаат многу подлабоко верско, духовно и културно значење и претставуваат дел од вековната поврзаност на македонскиот народ со Црквата.
„Празникот како свештено време определено за споменување важни настани или личности од црковната историја, а со тоа и можност за оттргнување од секојдневните грижи, за приближување кон Бога и кон ближните, несомнено претставува живо сведоштво за верата, за духовното и културното предание, како и за вековната поврзаност на нашиот народ со Црквата“, велат од МПЦ-ОА.
Оттаму нагласуваат дека значењето на празниците „не може, а и не треба да се сведува единствено на прашање на работна организација и економска продуктивност“.
Реакцијата следува по иницијативата на Стопанската комора за промени во календарот на неработни денови. Комората најави предлози за законски измени со кои би се намалил бројот на дополнителни неработни денови по верска основа.
Една од идеите е вработените сами да избираат за кои два дополнителни верски празници ќе користат слободен ден, додека останатите би биле работни. Вториот предлог се однесува на државните празници кои се паѓаат во недела – наместо неработниот ден да се префрла во понеделник, следниот ден би останал работен.
Според важечкото решение, во Македонија има 11 неработни денови кои важат за сите граѓани, додека припадниците на различните верски и етнички заедници имаат и дополнителни неработни денови.
Православните верници имаат пет дополнителни верски празници – Бадник, Водици, Велики Петок, петокот пред Духовден и Голема Богородица. Според предлогот на Комората, работникот би можел да избере два од нив како неработни, додека за останатите би одел на работа.
Од Стопанската комора иницијативата ја образложуваат со влијанието што поголемиот број неработни денови го има врз организацијата на работата и продуктивноста на компаниите.
Предлогот, сепак, наиде на противење и од премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека веќе стекнатите права на работниците треба да се почитуваат.
„Во принцип мислам дека стекнатите права на работниците треба да се почитуваат и тука немам никаква дилема“, изјави Мицкоски.
Против намалувањето на бројот на неработни денови се изјаснија и синдикалните организации, кои сметаат дека таквата промена би значела задирање во стекнатите работнички права.
Со реакцијата на МПЦ-ОА, во дебатата се отвора и прашањето за верското и културното значење на празниците. Од Црквата порачуваат дека тие не се само слободни денови во календарот, туку дел од духовното и културното наследство, поради што евентуалните промени не треба да се разгледуваат исклучиво од економски аспект.
