Скопскиот аеродром бележи силен подем: 34,8% раст и место во европскиот врв
Меѓународниот аеродром Скопје во август забележал значителен раст на патничкиот сообраќај, со што се најде меѓу најбрзорастечките аеродроми во Европа во својата категорија.
Според најновиот извештај на ACI EUROPE, патничкиот воздушен сообраќај во Северна Македонија во август 2026 година бил зголемен за 34,8 отсто во споредба со истиот месец лани.
Скопскиот аеродром, кој спаѓа во категоријата аеродроми со меѓу еден и 10 милиони патници годишно, со раст од 34,8 отсто се пласирал на четвртото место во Европа според стапката на раст во август.
Пред него се Братислава со раст од 75,9 отсто, Трапани со 52,3 отсто и Подгорица со 47,6 отсто. Зад Скопје се најде Палермо со раст од 32,3 отсто.
На ниво на европскиот континент, патничкиот воздушен сообраќај во август пораснал за 3,1 отсто во однос на август 2025 година. Аеродромите на пазарите надвор од ЕУ+ забележале раст од 6 отсто, додека во рамките на ЕУ+ зголемувањето изнесувало 2,5 отсто.
Од ACI EUROPE оценуваат дека силниот летен сообраќај покажува оти побарувачката за воздушен транспорт останува висока и покрај геополитичките тензии, зголемените цени на билетите, ограничувањата во понудата и послабите економски услови.
Во исто време, организацијата предупредува дека геополитичките случувања имаат сè поголемо влијание врз перформансите на националните воздухопловни пазари. Како дополнителен ризик се посочуваат и повисоките цени на авионското гориво, кои би можеле да влијаат врз капацитетите на авиокомпаниите и цените на билетите.
Меѓу пазарите надвор од ЕУ+ со најголем раст во август, покрај Северна Македонија, се издвојуваат Црна Гора со 28,6 отсто, Албанија со 20,7 отсто, Израел со 19,5 отсто, Ерменија со 14,2 отсто, Молдавија со 12,6 отсто и Узбекистан со 10,5 отсто.
Извештајот на ACI EUROPE е објавен на 30 септември и ги споредува резултатите од август 2026 со истиот период во 2025 година.
