Димитриеска-Кочоска: Важна одлука за дизелот – ДДВ-то останува 10 отсто!
Владата ја продолжува мерката со која ДДВ за дизелот се намалува од 18 на 10 отсто, а мерката ќе важи до 12 октомври.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информира дека продолжувањето на мерката е дел од активностите за заштита на стандардот на граѓаните и одржување на стабилноста на домашната економија.
„Со продолжувањето на оваа мерка директно влијаеме врз малопродажните цени на горивата и го ограничуваме пренесувањето на надворешните ценовни притисоци врз цените на останатите производи и услуги“, посочи Димитриеска-Кочоска.
Таа додава дека Владата ги следи движењата на меѓународните пазари и презема мерки кога тоа е потребно, со цел да се ублажат ценовните притисоци и да се заштити животниот стандард на граѓаните.
„Реагираме навремено и одговорно“, порача министерката.
