ЈОРДАНОВ СО ОТЧЕТ ПРЕД ГРАЃАНИТЕ: ЕДНА ГОДИНА КОНКРЕТНА РАБОТА, НОВИ ИНВЕСТИЦИИ И МЕГА ПРОЕКТИ ВО ШТИП

Македонија

Од реконструкција на улици стари повеќе од половина век, нови паркинг-места и катна гаража, до големи инфраструктурни проекти, поддршка за децата и младите и нови содржини во спортот и културата – Општина Штип во 2026 година реализираше и започна повеќе проекти насочени кон подобрување на секојдневието на граѓаните и развојот на градот.

2026 година за Штип носи низа реализирани проекти, но и активности кои продолжуваат да се реализираат во повеќе области. Фокусот беше ставен на инфраструктурата, сообраќајот, образованието, социјалната заштита, спортот, културата и подобрувањето на комуналните услуги.

„2026 година е година на продолжена работа, конкретни резултати и видливи промени за Штип. Година во која продолживме да инвестираме во подобра инфраструктура, подобри услови за живот и поголема поддршка за децата, младите и сите граѓани“, вели градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

НОВИ УЛИЦИ, РЕКОНСТРУКЦИИ И ПОДОБРА СООБРАЌАЈНА ПОВРЗАНОСТ

Еден од главните сегменти во работата на Општина Штип во текот на годината беше патната инфраструктура.

Реконструирани се улиците „Питу Гули“, „Џемал Бједиќ“ и „Кежовица“, а по пет децении целосно е реконструирана и повторно ставена во функција улицата „Борис Кидрич“.

Во Бело Брдо и населбата Леваци продолжува целосната реконструкција на патната инфраструктура, стара повеќе од 60 години.

Паралелно со тоа, започнаа и градежните активности за нова сообраќајница која ќе ги поврзува улиците „Тодор Коларов“ и „Мирче Ацев“. Новото сообраќајно решение ќе овозможи подобра пристапност до СОУ „Јане Сандански“ и новата Клиничка болница, но и подобро регулирање на сообраќајот во овој дел од градот.

„Штип продолжи да се развива со нови инвестиции во патната инфраструктура, но паралелно продолжува и реализацијата на капиталните проекти од значење за идниот развој на градот“, истакнува градоначалникот Јорданов.

НОВИ ПАРКИНГ-МЕСТА И КАТНА ГАРАЖА

Со цел да се одговори на потребите на граѓаните и зголемениот број возила, во 2026 година е изградена нова катна гаража на три нивоа, со капацитет од 50 возила, во непосредна близина на зградата „Промаја“.

Дополнително, обезбедени се нови паркинг-позиции во населбата Пребег, како и нови паркинг-површини во дворот на спортската сала „Јордан Мијалков“ и кај „7-те кули“, во близина на Економскиот факултет.

Штип е и првата општина во Република Македонија која воведе софистициран и автоматизиран софтвер за евиденција и наплата во дејноста јавни паркинзи.

ГОЛЕМИ ПРОЕКТИ ЗА ИДНИОТ РАЗВОЈ НА ШТИП

Покрај реализираните инфраструктурни зафати, продолжува работата на капиталните проекти кои треба да имаат долгорочно значење за градот.

Во тек е реализацијата на Обиколницата, изградбата на нови резервоари за вода, како и изградбата и реконструкцијата на мостовите на реката Брегалница.

Паралелно се работи и на создавање нов зелен појас и мега-парк покрај Брегалница, на површина од околу 70.000 квадратни метри, кој треба да донесе нов простор за одмор, рекреација и престој на отворено.

ПОДДРШКА ЗА ДЕЦАТА, МЛАДИТЕ И СПОРТОТ

Поддршката за децата и младите останува еден од приоритетите на Општина Штип.

Во текот на годината обезбедена е финансиска поддршка за семејствата на децата со попреченост од прво до деветто одделение, вклучени во редовната настава во општинските основни училишта.

Продолжи и поддршката за младите преку доделување стипендии на ученици и спортисти од основните и средните училишта. Деновиве се распределени и бесплатните униформи за учениците до петто одделение во сите основни училишта во Општина Штип.
Во спортот, една од новините е и пуштањето во употреба на новата спортска сала „Џексон“, со капацитет од 1.300 посетители, со што Штип доби нов простор за организирање спортски натпревари и други настани.

ШТИП СО НОВА ЕНЕРГИЈА ВО КУЛТУРАТА

Годината донесе бројни содржини и во културниот и музичкиот живот на градот.

Втора година по ред во Штип успешно се одржа „Д Фестивал“, со што градот повторно беше домаќин на значајни музички содржини и посетители од повеќе места.

Општина Штип продолжи со поддршка и организација на низа значајни културни и музички настани, меѓу кои „Макфест“, „Astibo Jazz Festival“, „Пастрамајлијада“, „Shtip Street Festival“, „Golden Piano Talents“ и други настани кои го промовираат градот и носат дополнителна посетеност и економска активност за локалниот бизнис.

„Штип е град на културата и град со богат културен и музички живот. Втора година по ред успешно беше организиран „Д Фестивал“ во Штип, со што градот повторно беше еден од главните центри на културните и музичките случувања во Македонија“, вели Јорданов.

ПРОЕКТИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ

Од реконструкција на улици и нови паркинг-места, преку големи инфраструктурни зафати, до инвестиции во децата, младите, спортот и културата, 2026 година носи низа реализирани активности, но и проекти кои продолжуваат и во наредниот период.