Коњановски во „Cosmic Development“: Битола има млади луѓе кои успешно градат кариера во ИТ секторот
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ја посети компанијата „Cosmic Development“, каде што оствари средба со раководниот тим и дел од вработените.
Коњановски по посетата истакна дека бил пријатно изненаден од посветеноста на младите професионалци кои со години ги градат своите кариери во ИТ секторот, но и од резултатите што ги постигнува компанијата.
„Особено сум горд што имаме млади луѓе кои токму тука го нашле своето место за професионален развој и кои преку својата работа придонесуваат за развојот на локалната економија“, посочи Коњановски.
На средбата, како што информираше градоначалникот, се разговарало за работата на компанијата, младите професионалци, предизвиците со кои се соочува ИТ секторот, како и можностите за негов понатамошен развој.
„Секогаш ми е драго кога ќе видам успешни компании кои вложуваат во знаење, млади луѓе и нови идеи“, истакна Коњановски.
„Cosmic Development“ има повеќе од 150 вработени и својата приказна ја гради веќе 15 години, со канцеларии во Битола, Скопје и Белград.
Компанијата низ годините била прогласувана за најдобар работодавач на национално ниво, а Коњановски посочи дека особено значајно е што компанијата има канцеларија во Битола, каде што се вработени околу 100 млади луѓе.
Според него, ваквите компании претставуваат важен потенцијал за задржување на младите кадри во Битола и за натамошен развој на локалната економија.
