Наближува голем и свет ден – еве кога се слави Крстовден!

РЕЛИГИЈА

Претстојниот викенд, во недела на 27 септември, православните верници ќе го празнуваат Крстовден, односно Воздвижение на чесниот крст.

Празникот се празнува во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос, како и во спомен на неговото враќање од персиско заробеништво во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ, крстот е наречен и Животворен крст.

Именден празнуваат Крсте, Крстинка, Крстана, Кристина, Христина, Кристијан и други.

Според црковното предание, чесниот крст го пронашла царицата Света Елена, мајката на царот Константин Велики. При ископувањата во Ерусалим биле пронајдени три крста, па за да се утврди кој е Христовиот, со нив допреле болна жена. Таа оздравела при допирот со еден од крстовите. Кога истиот крст бил допрен до починат човек, тој оживеал, што било протолкувано како знак дека станува збор за крстот на Исус Христос.

Празникот е поврзан и со царот Константин Велики. Пред битката со Максценциј во 312 година, според преданието, Константин на небото видел светол крст со натпис „Со ова ќе победиш“. По оваа визија, крстот станал знак на неговата војска, а Константин извојувал победа.

Подоцна, во 614 година, Ерусалим бил освоен од Персијанците, кои го однеле чесниот крст. По победата над Персија, царот Ираклиј го вратил крстот во Ерусалим во 629 година. Според преданието, тој лично го носел до Голгота, но не можел да продолжи додека не ја сменил царската облека и не се собул, во знак на смирение.

Во чест на наоѓањето и враќањето на чесниот крст, Црквата го празнува Воздвижението на чесниот крст. Празникот е посветен на почитта кон крстот и на страдањата на Исус Христос, поради што се одбележува со строг пост.