ВЛЕН: Улица по улица, проект по проект, Арачиново се менува
Арачиново секојдневно се менува преку реализација на конкретни инфраструктурни проекти, оценува ВЛЕН, од каде посочуваат дека инвестициите треба директно да се почувствуваат кај граѓаните и во локалните заедници.
Од партијата наведуваат дека под раководство на градоначалникот Даут Беќири се реализираат активности во повеќе делови од Арачиново, со фокус на инфраструктурата, локалните улици, канализацијата, јавните површини и безбедноста на жителите.
Според ВЛЕН, се уредуваат улици и тротоари, се проширува канализациската мрежа, а се работи и на регулирање на речното корито во Грушино. Воедно, како што наведуваат, се уредува и нов парк во Арачиново.
Во мај годинава беше објавено дека во општината се реализираат инфраструктурни проекти вредни над 110 милиони денари, меѓу кои регулирање на речни корита, изградба на фекална и атмосферска канализација и проширување на водоводната мрежа. (Karmin)
Како еден од позначајните проекти, ВЛЕН ја издвојува изградбата на Спортскиот центар во Арачиново. Според партијата, работите започнале со изградба на тренинг-стадион, како прва фаза, додека во следниот период е предвидена и изградба на стадион за одигрување натпревари.
Од ВЛЕН оценуваат дека станува збор за инвестиција од значење за спортистите, младите и жителите на Арачиново.
„Улица по улица, проект по проект, Арачиново се менува. Работа и само работа“, порачуваат од ВЛЕН.
