Се забрзува изградбата на пругата кон Бугарија: Делницата Бељаковце – Крива Паланка стигна до 40%
Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, информира дека во моментов интензивно се работи на мостот број 7, кој со должина од 194 метри е најдолгиот мост на оваа делница.
Делницата е долга 34 километри и опфаќа вкупно 29 мостови, од кои три допрва треба да се изградат. Паралелно со градежните активности, се произведуваат и бетонските елементи потребни за санација на 26 полуизградени мостови од 1990-тите години.
За санацијата се предвидени вкупно 352 бетонски елементи, од кои досега се произведени 71, со динамика од околу 10 елементи неделно.
Според Ивановски, вкупната реализација на проектот во моментов изнесува околу 40 отсто, а планот е до крајот на годинава да достигне 50 отсто.
„Продолжуваме со засилено темпо до конечна реализација на овој капитален инфраструктурен проект“, порача Ивановски.
