Ким Јо Џонг по американските воени вежби: Подготвени сме да се мобилизираме
Ким Јо Џонг, влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, денеска изјави дека мултинационалните воени вежби предводени од САД – како што е поморската вежба Pacific Vanguard – се „главен извор“ на зголемени тензии на Корејскиот Полуостров.
Таа, исто така, изјави дека Пјонгјанг „никогаш“ нема да ја напушти својата политика на зајакнување на нуклеарното одвраќање, објави Reuters.
Севернокорејската државна новинска агенција, KCNA, ја пренесе нејзината изјава, во која таа предупреди дека вооружените сили ќе ги „мобилизираат сите расположиви средства“ доколку утврдат дека воениот суверенитет и безбедносните интереси на земјата се сериозно загрозени.
Северна Кореја неодамна испали ракети
Тензиите на Корејскиот Полуостров дополнително ескалираа во последните денови. На 12 септември, Северна Кореја испали неколку балистички ракети со краток дострел во морето, еден ден по завршувањето на заедничките воени вежби во кои учествуваа САД, Јужна Кореја и Јапонија.
Два дена подоцна, Пјонгјанг објави дека нејзината војска спровела заедничка вежба во која учествувале артилериски и ракетни единици. Во вежбата беа користени борбени дронови, тактички крстосувачки ракети, системи за повеќекратно лансирање ракети и тактички балистички ракети.
