Мицкоски: Членството во ЕУ треба да е по заслуга, но во нашиот случај тоа не е така

Македонија, Политика

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека пристапот кон членството во ЕУ треба да биде заснован на заслуги, но дека Македонија и понатаму се соочува со билатерални услови и пречки. Според него, земјата ги исполнува обврските за европските интеграции, но 26 години по започнувањето на процесот сè уште не успева да ги започне преговорите.

Мицкоски смета дека претходната Влада прифатила промена на Уставот без да има двотретинско мнозинство во Собранието и со тоа ја довела земјата во тешка позиција. Тој посочува дека актуелната Влада предлага уставните измени да се донесат веднаш, но да стапат во сила откако ќе завршат преговорите и сите земји членки ќе го ратификуваат пристапниот протокол.

Тој критикува и што, според него, прашањата поврзани со бугарската заедница се поставуваат како услов за напредок кон ЕУ. Мицкоски наведува дека Европскиот суд за човекови права донел 14 пресуди во корист на македонската заедница во Бугарија, наспроти ниту една во корист на бугарската заедница во Македонија.

Премиерот најавува дека Владата ќе продолжи да бара решение со ЕУ и со стратешките партнери, вклучително и САД, но паралелно ќе работи на економскиот развој, владеењето на правото, странските инвестиции и реформската агенда.

Мицкоски престојува во САД, каде што е предвидено да има средби со претставници на Сенатот, Конгресот, Стејт департментот, DFC и тинк-тенк организации, а ќе учествува и на Генералното собрание на ОН во Њујорк.