Кривична за екс градоначалник на Струга и двајца вработени: издале одобрение за градење во Мислешево без идеен проект и спротивно на Законот за градење

Македонија

ОВР Струга поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на Струга и двајца вработени во општината поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Како што соопшти МВР, пријавите се однесуваат на Р.М. (69) и А.Б. (40), двајцата од Струга, како и Н.Р. (57) од струшкото село Поум.

Според пријавата, Р.М., во својство на поранешен градоначалник на Општина Струга, за време на мандатот ја искористил службената положба и овластувањето така што, со пропуштање на должен надзор, постапил спротивно на Законот за градење и противправно потпишал одобрение за градење на катастарска парцела во струшкото село Мислешево.

Второ- и третопријавениот, според МВР, биле на позиции советник во Секторот за урбанизам, комунални дејности, сообраќај и заштита на животната средина и помошник-раководител на истиот сектор.

Тие, како што се наведува во пријавата, претходно незаконски го изготвиле одобрението, а тоа било издадено врз основа на некомплетна документација, без приложен идеен проект и спротивно на Законот за градење.