Иран не попушта во војната, цената на нафтата расте – последиците допрва ќе бидат големи!
Нафтата брент се стабилизираше на околу 101 долар за барел, откако новата ескалација на воените дејствија на Блискиот Исток ги засили стравувањата од нарушување на снабдувањето преку Ормускиот теснец.
Цената на глобалниот репер за нафта порасна за 3,4 отсто во средата и првпат од јули го надмина прагот од 100 долари за барел. Американската нафта ВТИ (WTI) се тргуваше над 96 долари за барел.
Дополнителен притисок врз пазарот создаваат сигналите од Техеран дека Иран не планира да отстапи во услови на американската поморска блокада. Висок ирански функционер изјавил дека земјата е подготвена дополнително да ги засили нападите доколку САД продолжат со нападите врз иранска територија.
Обновените борби во изминатата недела ставија крај на периодот на релативно затишје и повторно ги поттикнаа цените на нафтата и природниот гас.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната нема да заврши пред ноемвриските избори за Конгресот, како и дека значително намалување на цените на бензинот не се очекува пред тој период. Тоа дополнително ги намалува очекувањата за брза деескалација на конфликтот, кој влезе во седмиот месец.
Според „Волстрит журнал“, советници во Белата куќа, меѓу кои и потпретседателот Џеј Ди Венс, во разговори со Трамп ја разгледувале можноста конфликтот со Иран да продолжи до крајот на неговиот мандат.
Такво сценарио би претставувало дополнителен товар за американските воени ресурси и би го зголемило ризикот од долготрајни нарушувања на снабдувањето со енергенти од Блискиот Исток.
Американската администрација се обидува да го притисне иранскиот економски систем преку поморска блокада, која веќе има влијание врз извозот на нафта од земјата. Вашингтон истовремено се заканува со санкции за владите и компаниите кои не ги прекинуваат врските со Техеран.
Иранскиот функционер признал дека економскиот притисок врз земјата се зголемува, но оценил дека иранското раководство смета оти продолжувањето на борбата е неопходно сè додека не се увери дека Вашингтон повторно нема да биде подготвен за напад.
Особено чувствително прашање за глобалниот енергетски пазар е Ормускиот теснец, преку кој, според американскиот министер за енергетика Крис Рајт, дневно се транспортираат нешто помалку од 11 милиони барели нафта и нафтени деривати.
„За цените да продолжат значително да растат, би требало неодамнешната ескалација да доведе до нови нарушувања на протокот на нафта низ Ормускиот теснец“, оцени Ворен Патерсон, шеф на стратегија за суровини во ИНГ (ING).
Стравувањата од продолжен конфликт веќе имаат значително влијание врз енергетските пазари. Цената на брент годинава е повисока за речиси 70 отсто, иако сè уште е под воениот максимум од 126 долари за барел, достигнат во април.
