РКЕ ОДЛУЧИ: Дизелот значително поскапува од полноќ – еве за колку денари
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нова одлука со која се зголемуваат малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 4,89 проценти во однос на претходната одлука од 31 август.
Новите цени ќе важат од 00:01 часот на 8 септември.
Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за по 3 денари за литар, додека дизелот бележи уште поголем скок – за 6 денари за литар.
Со новата одлука, максималните малопродажни цени ќе изнесуваат:
* ЕУРОСУПЕР БС-95 – 97 денари за литар
* ЕУРОСУПЕР БС-98 – 99 денари за литар
* ЕУРОДИЗЕЛ БС – 101 денар за литар
* Екстра лесно масло за домаќинство – 105 денари за литар
* Мазут М-1 НС – 46,001 денари за килограм
Најголемо зголемување има кај екстра лесното масло за домаќинство, чија цена расте за дури 8 денари за литар. Мазутот поскапува за 1,591 денар за килограм.
Причина за новата корекција е растот на референтните цени на нафтените деривати на светските пазари. Во однос на претходната пресметка, бензините на светскиот пазар поскапеле во просек за 4,829 проценти, дизелот за 8,922 проценти, а екстра лесното масло за 11,644 проценти. Влијание има и повисокиот курс на денарот во однос на американскиот долар.
Со одлуката продолжува примената на намалената акциза од 2 денари за литар кај бензините и 4 денари за литар кај дизелот.
Утврдените цени се максимални, што значи дека трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени.
