Битола добива нов паркинг простор – обезбедени 25 нови паркинг места
Изградбата на нов паркинг простор и реконструкцијата на улицата „Браќа Џаферови“ во Битола влегуваат во завршна фаза. Денеска се асфалтираше површина од 1.100 квадратни метри, со што проектот е чекор поблиску до неговото комплетно завршување.
Од Општина Битола информираат дека новиот паркинг ќе располага со 25 паркинг места, а во рамките на проектот се предвидени и поставување улично осветлување, како и изградба на атмосферска канализација.
Со реализацијата на оваа инвестиција, Битола добива уште еден паркинг простор во централното градско подрачје, кој треба да придонесе за подобра организација на сообраќајот и олеснување на паркирањето.
За проектот, Општина Битола од сопствениот буџет обезбеди 2.752.772 денари.
Од локалната самоуправа посочуваат дека паралелно се работи и на уредување на нови паркинг места на неколку други локации во градот, како дел од заложбите за подобрување на сообраќајната инфраструктура и зголемување на бројот на достапни паркинг капацитети во центарот на Битола.
