Ахмети: Европскиот пат и Охридскиот договор се темелите на иднината на земјата
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Н.Е. Озлем Џанел.
Како што соопштуваат од ДУИ, во фокусот на разговорите била неопходноста земјата што поскоро да го најде патот за продолжување на процесот на интеграција во Европската Унија.
Ахмети нагласил дека секое натамошно одложување на евроинтегративниот процес ја оддалечува земјата од европската перспектива, ги слабее институциите и создава политичка, економска и социјална несигурност.
За време на средбата, лидерот на ДУИ изразил сериозна загриженост во врска со, како што вели, континуираните удари врз Охридскиот рамковен договор и придобивките кои гарантираат еднаквост, меѓуетничка кохезија и стабилност на државата. Тој потенцирал дека Охридскиот договор е темелот на мирот и демократското функционирање на државата, а секое негово нарушување директно влијае на севкупната стабилност и на меѓуетничките односи.
На средбата се разговарало и за актуелните политички случувања, владеењето на правото, безбедноста и предизвиците со кои се соочува регионот. Ахмети подвлекол дека меѓународните партнери треба јасно да го слушнат алармот за случувањата во земјата.
„Европскиот пат и Охридскиот договор се двата столба на кои почиваат стабилноста, демократијата и иднината на земјата“, истакнал Ахмети на средбата со холандската амбасадорка.
