МАКЕДОНИЈА ОСТАНА БЕЗ ГРАНТ ОД ИПА ЗА ЖЕЛЕЗНИЦАТА – се менува законот за да се продолжи со реализација на градбите

Дали Знаете, Македонија

Македонија ги загуби парите од ИПА фондовите кои требаше да ги искористи за доизградба на железничката пруга кон соседна Бугарија. Поради поминат временски период, и доцнење на изведбата, парите од ИПА повеќе не се достапни, па Владата премина кон промена на договорот, со цел да може и понатаму да користи од договорените кредити за овој грандиозен проект.

– Со оглед на фактот дека во предвидениот рок не беше склучен договор за градба, ИПА алоцираните средства за овој проект повеќе не се достапни, па оттука и Секторот за централно финансирање и склучување на договори во Министерството за финансии нема повеќе надлежност за спроведување. Имајќи го предвид горенаведеното, се јави потреба за промена на финансиската и имплементационата структура на проектот, т.е. промена на надлежната институција која ќе биде одговорна за спроведување на тендерската постапка за градба– се посочува во законското решение испратено во Собранието. Имено до народните избраници се испратени две законски решенија, но поентата е дека се менуваат законите за да се избришат зборовите „кој делумно се финансира и преку Инструментот за претпристапна помош-ИПА на Европската Унија“.

Оваа измена се прави од причина што ИПА алоцираните средства кои беа обезбедени за овој проект повеќе не се достапни.

Инаку железничкиот коридор осум е стратешка транспортна артерија која ги поврзува Јадранското и Црното Море. Неговата траса во Македонија се протега од границата со Република Бугарија (Крива Паланка), преку Бељаковце, Куманово, Скопје и Кичево, сè до границата со Република Албанија. Реализацијата на Источната делница се одвива во неколку фази, фаза 1 е од Куманово до Бељаковце, која се реконструира со заем од ЕБОР. Фаза 2 – Бељаковце до Крива Паланка), чија изградба е во тек и се финансира со заем од ЕБОР и ВБИФ грант. Последен е делот од Крива Паланка до граница со Бугарија.

Во едното законско решение е посочено дека согласно заклучоците на Владата од пред неколку дена Министерството за транспорт достави известување до ЕИБ и ЕБОР во кое е наведено дека доколку средствата наменети за изградба на половина од прекуграничниот тунел, не се обезбедат со поддршка од бугарската страна од ЕУ во вид на грант средства за заедничко финансирање, Владата на Македонија ќе ги обезбеди во Буџетот на Министерството за транспорт и истите ќе бидат предвидени во програмата на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје, но не пред 2032 година, и тоа во неколку фискални години, а согласно динамиката за реализација на проектот.

Инаку за потсетување согласно првична финансиска рамка за изградба на третата делница (Крива Паланка – граница со Р. Бугарија) во декември 2023 година беа потпишани: Договорот за заем склучен меѓу Македонија и Европската банка за обнова и развој во износ од 175.000.000 евра, на 13.12.2023 година, и Финансискиот договор склучен меѓу Македонија и Европската инвестициска банка – ЕИБ во износ од 175.000.000 евра, на 18.12.2023 година. Понатаму, на 19.12.2023 година е склучен и Договорот за ВБИФ грант во износ од 149,2 милиони евра, меѓуМакедонија и ЕИБ. Исто така, за финансирање на овој проект беа доделени 61 милион евра грант средства од ИПА 2 програмскиот период, кои повеќе не се достапни.