Обвинетиот бизнисмен Борче Марковски ја напуштил Македонија откако Струшкиот суд му го врати пасошот
Битолскиот бизнисмен Борче Марковски, осомничен во случајот со набавките во РЕК „Битола“, кому Основниот суд во Струга му го врати пасошот откако приложил гаранција од пет милиони евра, денеска ја напуштил Македонија преку граничниот премин „Табановце“, објави „360 степени“ повикувајќи се на свои извори.
Тој, според порталот, бил задржан од граничните служби, но по извршените проверки му било дозволено да излезе од државата бидејќи против него немало активни мерки што би го спречиле.
Марковски, кој е и почесен конзул на Белорусија во Македонија, поседува компании и друг имот во Србија. Враќањето на пасошот не е првиот контроверзен момент поврзан со процесот против него. Претходно, Судскиот совет констатираше дека во Основниот суд Битола бил составен „посакуван кривичен совет“ за газдата на „Марковски компани“ да излезе од притвор, потсетува „360 степени“.
Марковски и седум други луѓе се осомничени за кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Според обвинението, во 2023 година повеќе директори и раководители во РЕК „Битола“, заедно со Борче Марковски и уште две лица од „Марковски компани“, извршиле злоупотреби при јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Обвинителството тврди дека тендерот бил спроведен со предимензионирани услови, со што била фаворизирана „Марковски компани“ како единствен понудувач за договор вреден 1,7 милиони евра. Компанијата, како што се вели во обвинението, наплатила средства врз основа на невистинита документација за наводно завршени работи, иако дел од опремата не била монтирана. Со меѓународна правна помош, Обвинителството обезбедило 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, три златни монети и една златна плочка од банкарски сеф во Белград, а замрзнат е и дел од имотот на компанијата.
„Независен“ вчера објави дека Основниот суд во Струга му го вратил пасошот на Марковски, а информацијата ја потврдил и претседателот на Судот, судијата Вулнет Винца.
„Пасошот на обвинетиот Борче Марковски му е вратен со одлука на судот бидејќи има приложено гаранција во вредност од над пет милиони евра. Според законот, не може да се земе и гаранција во имот и да биде одземен пасошот. Или едното или другото“, изјавил судијата Винца.
Толкувањето на судијата, односно ваквиот принцип, според правниците кои ги консултиравме, не е содржан во законските одредби кои ја регулираат оваа област.
„Законот за кривична постапка ги наведува гаранцијата и мерките на претпазливост како одделни мерки за обезбедување на присуството на обвинетиот. Меѓу мерките на претпазливост изрично се наведува и привременото одземање на патната исправа, односно забраната за издавање нова патна исправа. Во законот не постои одредба според која со определување гаранција автоматски престанува или не смее да се изрече мерката за одземање на пасошот“, вели за „Слободен печат“ адвокат со повеќедеценинско искуство во кривична пракса, кој не сакаше да му се открива идентитетот.
Тој додава дека тоа дали некоја мерка и гаранцијата ќе се применуваат истовремено, зависи од процената на Судот за тоа кои мерки се неопходни за обезбедување на присуството на обвинетиот и непречено водење на постапката.
Судењето на Борче Марковски и другите обвинети, кое првично започна во Основниот суд во Битола, подоцна беше префрлено во Основниот суд во Струга, по одлука на Апелациониот суд во Битола. Првото рочиште во Струга, закажано за 24 јуни, беше одложено бидејќи еден од обвинетите го сменил адвокатот, кој побарал дополнително време за увид во обвинителниот акт. Новиот почеток на судењето е закажан за 2 септември, потсетува „360 степени“.
