На Рама му смета „извозот“ на револуција од Македонија и Косово, а „заборава“ кога се проектираше за „сеалбански“ лидер

Балкан, Македонија, Политика

На Рама, „сеалбанскиот“ лидер, му смета македонската нијанса на „Фламинго“ револуцијата во Албанија, односно присуството на Албанци од Македонија на протестите во нашиот западен сосед. Но, како да заборава дека тој некогаш се проектираше како татко на сите Албанци во трите земји од регионот. Ниту нешто особено се огради кога на неодамнешните протести во Скопје за полагањето правосуден испит на албански јазик присуствуваа демонстранти од Албанија, и на солидарните протестни собири кои се одржаа во Тирана.

Еди Рама кога на своја кожа ќе почувствува „извоз на револуција“ тогаш е многу порешителен и принципиелен во ставовите, дека не „може Албанци надвор од Албанија“ да решаваат за нивните внатрешни прашања.

Истовремено заборава да каже и дека пред речиси секое формирање Влада во Македонија по одржани вонредни или редовни парламентарни избори, во Тирана се одржуваат „платформи“ на политички лидери од албанскиот партиски блок во Македонија, добивајќи поддршка или насоки за начинот на кој ќе делуваат во идната власт и кои се основните барања од кои нема да отстапи ниту една политичка партија на Албанците во Македонија.

„Кога Рама се меша во внатрешните работи на Македонија тоа е нормално.Сега, кога Албанци од Македонија одат на протести во Албанија вика: Албанците кои не живеат во Албанија да не се мешаат тука.Аха, важи“, напиша политичкиот активист Умејр Мухамеди.

Фламинго револуцијата кога најмалку се очекуваше

Фламинго револуцијата ја разбуди албанската јавност во време кога се чинеше дека расте поддршката за власта на Еди Рама, особено со напредокот во преговорите за членство во ЕУ, како и целосната усогласеност со САД и западните партнери.

Протестите кои траат повеќе од 20 денови, може да се толкуваат повеќе како одраз на незадоволството од корупцијата и спорните договори со стратешките партнери на Албанија, а кои се сметаат за штетни за националниот суверенитет, давајќи преголеми отстапки, како за мигрантските кампови, така и за изградба на елитни хотелски комплекси во најзаштитени природни предели.

Секако, тоа незадоволство се обидува да го капитализира и политичкиот противник на Еди Рама кој десетина години е премиер, при што несомнено доаѓа поддршка и од политичките сојузници во Македонија и Косово, особено структурите кои се блиски на Албин Курти лидерот на движењето „Самоопределување“.

Можеби и изјавите на Рама насочени кон демонстрантите кои доаѓаат од Македонија и Косово се премногу строго оценети како „дефанзивни“, но извесно е дека политичкиот естаблишмент во Тирана се почувствува „нападнат“ од повеќе страни, и токму и затоа упати малку подиректен и поагресивен речник, што секако наидува на иронија, особено во македонската јавност.

Политичкиот опортунизам во „финалната“ пресметка

Битката за „превласт“ меѓу Курти и Рама подолго време се гледа во отцртувањето на политичките контури, особено на македонски терен, каде по повеќе од 20 години на владеење на ДУИ и Али Ахмети, конечно дојде до еден вид на победа на албанската опозиција во Македонија. И тоа по рецептот на „Самоопределување“, што пак од друга страна не беше ни нешто особено затскриено, со оглед на директната соработка со челниците на коалицијата ВЛЕН која сега прерасна во единствена политичка партија.

Рама и кога доаѓаше во Македонија на посети во официјален капацитет, речиси секогаш одвојуваше посебно време за да се сретне првенствено со Али Ахмети, а често на тие средби присутен беше и Арбен Таравари, како своевиден „џокер“, кој по потреба може да делува и во опозиција и како дел од власта.

Почна со екологија и антикорупција, но каде ќе заврши?

Тоа што овие протести низ Тирана и крајбрежните градови ги прави посебни не е толку партискиот опортунизам, ниту борбата за заштита на загрозените животински видови, туку искрената опозициска енергија, која по навистина долго време конечно се канализира во едно граѓанско протестно движење, кое не може баш лесно да се предвиди во што ќе се развие.

Токму затоа и реакциите на Рама и неговиот тим се „остри“, не затоа што протестите добиваат поддршка од Македонија и Косово, дел органска, дел оркестрирана од неговите политички противнции, туку затоа што идејата за спротивставување на „продажбата“ на националните интереси во договор со западните партнери, може да прерасне во катализатор за големи општествени промени.