СКАНДАЛОЗНО: Дискотеката „Пулс“ никогаш не била ставена на листата за контрола, екс директор тврди дека потписите не се негови

Дали Знаете, Македонија

На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Обвинителството презентираше документација која, според обвинението, укажува на сериозни пропусти во работењето на Дирекцијата за заштита и спасување и во планирањето на инспекциските контроли на објекти со зголемен ризик од пожар.

Пред судот беа презентирани годишни програми, квартални планови за инспекциски надзор и други службени документи на Дирекцијата за заштита и спасување од периодот кога со институцијата раководел Шабан Салиу. Обвинителството посочи дека од документите произлегува оти дискотеката „Пулс“, но и други потенцијално ризични објекти во Кочани, воопшто не биле опфатени во плановите за надзор.

Според обвинителката, во 2015 година во Кочани немало назначен инспектор за вршење редовни или вонредни контроли. Иако инспектори од Скопје извршиле една контрола во општината, таа била спроведена во објект со низок ризик, додека објектите што можеле да претставуваат опасност од пожар останале надвор од надзорот.

Во текот на рочиштето беа разгледувани документи и од 2012, 2013, 2014 и 2016 година. Од нив, според обвинението, се гледа дека Дирекцијата немала воспоставено јасни критериуми за процена на ризикот кај одредени категории објекти. Во плановите биле опфатени хотели, мотели и ресторани, но не и дискотеки и кабаре-клубови, иако станува збор за објекти во кои престојуваат голем број луѓе.

Посебно внимание во судницата предизвика реакцијата на обвинетиот Шабан Салиу, кој тврдеше дека дел од потписите на презентираните документи не се негови, иако на нив стоело неговото име како директор на институцијата. На прашањето од судот дали тоа значи дека некој му го фалсификувал потписот, неговата одбрана најави дека дополнително ќе се произнесе во текот на постапката.

Реакција по рочиштето имаше и од семејствата на загинатите во пожарот. Александар Наунов од здружението „16 Март“ оцени дека денешното сведочење отвора уште посериозни дилеми околу функционирањето на институцијата.

„Денес слушнавме тврдења дека дел од потписите не биле на обвинетиот. Но ако тие документи биле усвоени, архивирани и по нив институцијата постапувала со години, тогаш прашањето не е само кој потпишувал, туку како функционирал целиот систем. Ако некој можел да потпишува во име на директорот, тогаш се поставува прашањето каде била контролата“, изјави Наунов.

Во предметот се обвинети четворица поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување – Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути и Џевад Селами. Обвинителството се обидува да докаже дека со години постоеле системски пропусти во планирањето и спроведувањето на инспекциските контроли, поради што ризични објекти останувале надвор од институционалниот надзор.

Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Трагедијата отвори бројни прашања за почитувањето на безбедносните стандарди, работата на инспекциските служби и одговорноста на институциите задолжени за заштита и спасување.