Тошковски најавува: Радикални решенија за електричните тротинети – „Сејф сити“ ќе казнува и странски возила
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во синоќешното гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телма ТВ, најави серија реформи и засилени контроли во сообраќајот.
Тој се осврна на ефикасноста на системот со камери, безбедноста на мотоциклистите, како и на растечкиот проблем со електричните тротинети.
„Дали камерите регистрираат странски таблици? Да. Дали ќе бидат предмет на казнување? Да. Системот е во фаза на подобрување и граѓаните набрзо ќе видат како ќе се процесираат овие прекршоци. Чуда не сме направиле, но дефинитивно сме подобриле многу нешта,“ изјави Тошковски, одговарајќи на забелешките дека сегашниот систем на камери не ги препознава странските регистарски таблички.
Министерот додаде дека првите видливи резултати во овој дел се очекуваат за околу еден месец.
Тошковски сподели загрижувачка статистика за изминатиот месец, каде што од 12 жртви во сообраќајот, дури 5 се мотоциклисти, а министерот вели дека за тројца од нив бил сигурен дека не носеле кацига.
Тој електричните тротинети ги посочи како огромен безбедносен предизвик и откри дека веќе се консултирал со голем број амбасадори за искуствата од нивните земји и најави законски измени.
„Овде мислам дека треба да одиме со порадикално решение во дел на забрани, старосна граница за управување и можеби регистрација. Тротинетите се огромен проблем од аспект на безбедност во сообраќајот и се надевам на конкретни решенија во најбрзо време“, најави Тошковски.
