Спектакуларен крај на „Денови на Крали Марко“ со концерт на „Мизар“

Македонија

Со прекрасна атмосфера, исполнет Амфитеатар во Варош и моќен концерт на легендарната група Мизар, викендов успешно беше заокружена традиционалната манифестација „Денови на Крали Марко“, во организација на Општина Прилеп.

Во текот на изминатите денови, граѓаните имаа можност да проследат повеќе културни, едукативни и уметнички настани посветени на легендата за Крали Марко – симболот на Прилеп и македонската историја.

 

 

Во амбиентот на црквата Св. Никола – Варош беа организирани ликовни работилници со ученици од основните училишта, инспирирани од легендите и преданијата за Крали Марко. Во Завод и Музеј – Прилеп, пак, најмладите преку интерактивни и едукативни содржини имаа можност да научат повеќе за историското и културното значење на легендарниот јунак.

Посебен белег на манифестацијата даде и фестивалот на планински филм ЕХО патува – во Прилеп, кој внесе дополнителна културна и уметничка вредност во програмата.

Завршницата на „Денови на Крали Марко“ донесе вечер исполнета со емоции, одлична музика и позитивна енергија. Амфитеатарот во Варош беше исполнет со публика која уживаше во настапот на „Мизар“, под ѕвезденото небо и во уникатниот амбиент под Марковите Кули.

Од Општина Прилеп порачаа дека и во иднина ќе продолжат да го негуваат, промовираат и афирмираат културното наследство, традицијата и вредностите што го обединуваат градот и народот.