Докторот кој тајно стримаше бремени пациентки на „Тикток“ се враќа на работа, одлучиле судовите
Докторот од Тетово, Ваљтон Дервиши, кој незаконски снимаше пациентки на Гинекологија и пушташе стрим во живо на социјалната мрежа „Тикток“, се враќа на работа во Клиничката болница, со последната судска одлука, а и казната му е петкратно намалена, објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Лекарската комора сега нема основ да му ја одземе лиценцата на седум години како што одлучи претходно. ИРЛ открива како преку серија процесни механизми, повторени постапки, преквалификации на делата и формални правни празнини, од пример за институционална одговорност, случајот премина во пример за институционално повлекување.
Анестезиологот Дервиш пред три години беше уапсен пред три години, откако, како што потоа и призна, не само што незаконски и тајно снимал пациентки и колешки на гинекологија, туку дел од снимките ги емитувал во живо на својот профил на „Тик-Tок“. Тогашниот директор на болницата го пријавил случајот во полиција, по што Дервиши веднаш беше уапсен и испратен во притвор.
Само еден месец подоцна, тој призна вина за кривичните дела „Несовесно работење во службата“ и „Неовластено снимање“. Основниот суд во Тетово му изрече казна затвор од 15 месеци, а Лекарската комора, иако привремено поради тековните судски процеси, му ја одзеде лиценцата на седум години — најстрогата дисциплинска мерка што може да ја добие еден доктор кај нас, потсетува ИРЛ.
Но, предметот беше вратен на повторено судење, а тој набави нови нотаризирани изјави на дел од жртвите, по што следеа серија судски одлуки во Тетово и Гостивар, со кои затворската казна на Дервиши му беше намалена на три месеци, а дел од кривичните дела беа преквалификувани. Тоа му овозможи да ги избегне законските пречки за повторно вработување и да побара враќање на лиценцата.
Во изјава за ИРЛ, Дервиши тврди дека згрешил и признал вина, но и дека не знаел оти снима.
„Јас згрешив, признав вина, не сум знаел дека снимам. Немав никаква намера. Седумнаесет години работев таму и никогаш не сум побарал ниту еден денар да ми платат за прекувремена работа. Само за да врви работата“ вели тој.
Анализата на ИРЛ на правосилните пресуди на Основниот и Граѓанскиот суд во Тетово и Апелацискиот суд во Гостивар сугерираат дека ни судиите, ниту обвинителите не завршиле темелна и ангажирана работа за да го заштитат јавниот интерес. За докази во повторената постапка се прифаќале нотарски изјави од вработени доктори во тетовската болница кои сведочеле дека тој бил добар колега и дека тоа што го направил не сметале дека е нешто сериозно.
