Лино Червар се враќа во Македонија, потврдија и од Еурофарм Пелистер!
Трофејниот хрватски стратег, Лино Червар, повторно се враќа во македонскиот ракомет. Искусниот тренер, кој е еден од најзаслужните за големиот подем на македонскиот ракомет, ќе го преземе тимот на Еурофарм Пелистер во обид клубот да го врати на шампионските патеки.
По турбулентна сезона во која Пелистер промени дури тројца тренери и по три години остана без шампионската титула, раководството реши да се сврти кон добро познато и проверено решение.
Червар веќе е во контакт со клупските челници околу составувањето на тимот за следната сезона, а во Битола веруваат дека неговите искуство и авторитет ќе донесат стабилност, подобра организација и нови успеси.
Иако сезонава остана без домашните трофеи, клубот остави солиден впечаток на европската сцена. Тимот освои шест бода во ЕХФ Лигата на шампионите, со две победи и со два нерешени натпревари против силна конкуренција.
По оваа трансфер-бомба, се огласија и од тимот на битолчани.
Во нашите историја и идентитет не постојат мали цели. Затоа мора секогаш да бидеме на висина на предизвикот, да го следиме трендот и да го надградуваме проектот. Нашата нова приказна за сезоната 2026/2027 почнува со назначувањето на новиот тренер. Нашиот избор падна на олимпискиот и светски првак, човек што е синоним за ракометот на овие простори — Лино Червар. Хрватскиот тренерски маг и официјално е нов тренер и предводник на проектот на Еурофарм Пелистер и се обврза на двегодишен договор со клубот и со најракометниот град. Не треба да се трошат зборови за тренерската кариера на стручњакот од Умаг. Беше селектор на Италија, Хрватска и на Македонија, ги водеше Загреб и Металург, ги освои речиси сите титули со националниот тим на својата земја… Во Македонија, Червар направи големи работи со Металург и со македонската репрезентација, афирмираше многу ракометари, освојуваше титули а и создаваше зрели личности од своите млади момци. Чувствуваме дека ова е вистинскиот момент да му биде доверен проектот на Лино Червар, а со тоа Еурофарм Пелистер да се издигне на уште повисоко ниво од годините на трите шампионски титули и учеството во Лигата на шампионите – соопштија од клубот.
Червар веќе има длабока трага во македонскиот ракомет, особено како тренер на Металург, со кој двапати играше четврт-финалето во Лигата на шампионите и освои повеќе домашни трофеи.
Тој ја предводеше и ракометната репрезентација на Македонија, додека најголемите успеси во кариерата ги оствари со ракометната репрезентација на Хрватска, освојувајќи олимписко злато на Летните олимписки игри 2004 и светска титула на Светското првенство во ракомет 2003.
И покрај тоа што има 75 години, Червар и понатаму важи за едно од најголемите тренерски имиња во европскиот ракомет, а навивачите на Пелистер се надеваат дека неговото враќање ќе значи и враќање на клубот на самиот врв.
