Апелација ја укина двегодишната затворска казна за Лидија Димова за тренирање на магариња и злоупотреба на службената положба
Апелацискиот суд ја укина пресудата со која Лидија Димова, поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност беше осудена на двегодишна казна затвор за злоупотреба на службената положба и предметот го врати на повторно судење, дознава „Слободен печат“. Укинат е и делот со кој Димова требаше да врати 370 илјади евра кон Националната агенција. Според Апелација, во првостепената пресуда не било јасно за кои дејствија Димова се огласува за виновна, а за кои дејствија се ослободува од обвинение.
Судот смета дека пресудата е нејасна и неразбирлива зашто од една страна Димова се осудува за „злоупотреба на службената положба“ а од друга страна се ослободува за „измама на штета на средства на Европската заедница“ без да се каже за кои дејства од второто дело се ослободува. Со други зборови, Апелација смета дека првостепениот суд морал во пресудата да наведе какви дејствија презела Димова, а за кои дејствија се ослободува од вина.
Со обвинителниот предлог на Димова ѝ се става на товар дека од 2018 до 2020 година како директорка на Агенцијата што раководи со „Еразмус+“ програмата, со намера за друг да прибави значителна имотна корист ангажирала надворешни соработници, експерти и обучувачи без јавен конкурс. Исто така, ѝ се става на товар дека незаконски го спровела преселувањето и реновирањето на Националната агенција во нови простории, како и дека одобрувала исплата на дневници за патувања во странство.
Димова во интервју за „Слободен печат“ пред две години, изјави дека експертите ги ангажирала за да ги обучуваат наставниците и училиштата во Македонија како да повлечат европски пари бидејќи претходно истите биле злоупотребувани и тоа во износ од 2.2 милиони евра затоа што организирана мрежа дејствувала парите да завршуваат во два правни субјекти кои самите и си ги пишувале проектите, а преку свои евалуатори и си ги одобрувале.
-Направивме обука, обучивме многу наставници, го зголемивме бројот на проектите и дури бевме и пофалени од Брисел дека тоа беше многу добра активност. Таа активност е дел од спорот за мене. И покрај тоа што Брисел ја пофали активноста, нашето Обвинителство ме обвинува дека сум ги злоупотребила парите – изјави тогаш за „Слободен печат“ Димова.
