Ахмети не престанува да провоцира: Кој го чепка албанскиот јазик, го чепка самиот темел на државата

Македонија, Политика

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се обрати со отворено писмо во однос на користењето на албанскиот јазик во кое уште еднаш кажа дека охридскиот договор е „темел на оваа држава, a aлбанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право загарантирано со Уставот“.

Тој вели дека стабилните и одржливи држави се изградени врз јасни принципи, врз големи политички договори и врз меѓусебно почитување меѓу граѓаните и народите што ги сочинуваат. Кога тие принципи се зачувани и зацврстени, државата се движи напред; кога се релативизираат, се отвораат непотребни дебати што не им служат на никого, посочува Ахмети во писмото.

Според него, постојат теми што не се ниту „сопственост на партиите, ниту предмет на политички натпревари, туку дел од нашиот заеднички договор да живееме заедно, како еднакви во рамноправна и европска држава“. Едно од тие прашања, како што вели, е статусот на албанскиот јазик како официјален јазик.

„За мене, еднаквоста никогаш не била слоган. Таа е непроменливо политичко и морално убедување. Државата не станува силна кога едната страна се чувствува супериорна, туку кога секој граѓанин и секој народ се чувствуваат почитувани, признати и достоинствено претставени. Точно тука е значењето на јазикот: тој не е само средство за комуникација, туку израз на идентитет, достоинство и уставна еднаквост. Албанскиот јазик за мене не е и никогаш нема да биде предмет на преговорање. Јас го кажав и ќе го повторувам без никаква резерва: Охридскиот договор е темел на оваа држава и кој го доведува во прашање, ја доведува во прашање самата иднина на државата. Албанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право загарантирано со Уставот. Секој обид да се релативизира или ограничи тоа право е директен предизвик на уставниот поредок и нема да помине без одговор“ вели Ахмети.

Тој додава дека Албанците во Македонија никогаш не го оспорувале македонскиот јазик и македонскиот идентитет, напротив, постојано се определувале за заедничка, унитарна, евроатлантска и европска Македонија.

„Ова е вистината што треба јасно да се каже: еднаквоста на Албанците не ја ослабнала државата, туку ја зацврстила. Не го загрозила заедничкото живеење, туку ја направила поправична. Не ја разнишала западната ориентација на земјата, туку ја овозможила. Верувам и цврсто стојам зад тоа: јазичната еднаквост е столбот на кој стои коегзистенцијата. Мирот и стабилноста не се градат врз доминација на едните над другите, туку врз реална еднаквост. Држава што не им зборува на своите граѓани на нивниот јазик не е рамноправна држава. Албанскиот не е товар за државата, тој е нејзина реалност и нераскинлив дел од нејзиниот институционален идентитет“ посочува лидерот на ДУИ.

Затоа, вели тој, секој обид да се релативизира, намали или ослаби статусот на албанскиот јазик не е само правна расправа. Тоа, според него, е допир до рамнотежа изградена со многу политичка мудрост, одговорност и посветеност кон заедничката иднина.

Ахмети во писмото го посочува и Уставниот суд нарекувајќи го параполитична институција и инструмент за дестабилизирачки агенди.

„Со загриженост се следат и одредени пристапи на институциите, особено во Уставниот суд, кои создаваат непоколебливо уверување дека во чувствителни прашања за меѓуетничките односи не преовладува професионалниот и уставниот аргумент, туку етнички мнозинска логика, застарена која не се совпаѓа со духот на Охридскиот договор. Ова е причина за сериозна државна внимателност. Институциите, особено Уставниот суд, треба да бидат чувари на еднаквоста, а не простор каде што се доведува во прашање она што е стекнат стандард на демократската коегзистенција“ пишува Ахмети.

Нетрпението, вели Ахмети, не нè води напред, а реториката „можете да зборувате албански колку сакате, но има само еден официјален јазик“, не е ниту модерна, ниту државотворна, ниту европска.