Проданоски: 2026 година на младите – повеќе пари за спорт, култура и образование

Македонија

Општина Прилеп во 2026 година ќе продолжи со мерки насочени кон задржување на младите преку инвестиции во образование, спорт и културно-забавни содржини, најави градоначалникот Дејан Проданоски.

Во интервју за Press24 ,градоначалникот истакна дека младите остануваат приоритет на локалната власт и дека општината ќе продолжи со доделување стипендии и награди за најталентираните ученици и студенти, како и за оние кои учествуваат на државни и меѓународни натпревари.

„Младите се двигатели на нашата иднина. Општината и во 2026 година ќе продолжи со поттикнување на младите да се едуцираат и да делуваат во Прилеп“, изјави Проданоски.

 

Според најавите, ќе се обезбеди и логистичка и финансиска поддршка за младински форуми, акции и граѓански организации чиј фокус се младите, со цел нивно поголемо вклучување во јавни дебати, консултации и креирање локални политики.

Во буџетот за 2026 година се предвидени:

– 12.000.000 денари за поддршка на спортски клубови
– 500.000 денари за стипендии за млади талентирани спортисти
– 10.985.000 денари за културни манифестации
– 3.000.000 денари за реконструкција на спортски игралишта

Во текот на годината се планира и отворање на нов Младински центар, како и проширување на програмите за неформално образование, со цел поголема вклученост на младите во проектни иницијативи и создавање побогат културен и забавен живот во градот.

Општината најавува и овозможување користење на јавен простор за организација на музички настапи, театарски и поетски манифестации, работилници, изложби, концерти, филмски проекции и спортски активности. Целта, според локалната самоуправа, е создавање услови младите својата иднина да ја гледаат токму во Прилеп.