Проданоски најавува: Прилеп повторно во центарот на европските карневали

Македонија

Прилеп повторно ќе биде во центарот на европските карневалски случувања, најави градоначалникот Дејан Проданоски. Од 20 до 23 февруари, градот ќе го одбележи јубилејот од 25 години организиран прилепски карневал и 100 години од традиционалната маска „Прилепски мечкари“, која е прогласена за нематеријално културно наследство од 2019 година.

Карневалот годинава ќе има и меѓународен карактер, со присуство на претседателот на Федерацијата на европските карневалски градови, Ларс Алгел, како и учесници од повеќе европски земји. Најавени се над 500 учесници во групни и поединечни маски, а во Прилеп ќе настапи и возобновениот дувачки оркестар „Прилеп“.

Програмата започнува на 20 февруари со изложба на рачно изработени маски во ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“. Детското карневалско дефиле ќе се одржи на 21 февруари, а централниот настан – меѓународната карневалска поворка – е закажан за 22 февруари, кога најкреативните маски ќе бидат наградени од стручна комисија.

 

Карневалските денови ќе бидат исполнети со музика, акробати, жонглери и кловнови, а на 23 февруари, на Чист понеделник, традиционалното одбележување ќе заврши со заеднички ручек во манастирот „Св. Ѓоргија“ во Присад. Проданоски ги поканува сите љубители на карневалската уметност и традиција да бидат дел од ова јубилејно издание, нагласувајќи дека Прилеп е град на културата, традицијата и искрената радост.