Трендафилов: Монструми ми ги снимаат децата, нормална влада во нормална држава паѓа за вакви работи

Македонија

Раководството на ССМ на денешната прес-конференција обелодени дека утре во 12 часот ќе започнат со блокадата на Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис-конфедерацијата. Слободан Трендафилов од ССМ рече дека нема да дозволат работниците да „им мрзнат на улица на пратениците, газдите и Владата“. Според него, ќе блокираат газди кои се исплашиле од нападите на Владата и партиите врз работниците и синдикатите.

Трендафилов најави и голем работнички протест со организиран превоз од сите градови и кој ќе биде организиран во неработен ден, пред да го организираат генералниот штрајк во јавниот и приватниот сектор.

-Мојата плата за која се грижат толку е 57 илјади денари. Можат да ме следат, прислушуваат, уценуваат, напаѓаат и да ми се закануваат, но, нема да потклекнам и нема да се предадам. Дозвлете да зборувам за монструмите, оние кои не се под детските кревети и кои седат во пратеничките клупи и кога ги гледате во кафичи, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија туку се покрај сите нас. Министерот за внатрешни работи и Обвинителството треба да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска. Истата Дафина која некој ја познава како богаташка. Истата Дафина која ми ги објави малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да ме уценуваат. Се случија големи катастрофи со деца, не сакам да верувам дека целта ѝ била тоа. Нормален премиер наместо да дава изјава дека ова е само почеток со заканите, ќе си дадеше оставка или најмалку ќе ја разрешеше Дафина. Нормална влада во нормална држава паѓа за вакви работи, кажа првиот човек за објавеното видео од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Трендафилов го праша министерот Панче Тошковски дали службите го следат него и неговите деца. Најави дека ќе ги извести сите амбасади во земјава и делегацијата на ЕУ, но и братските синдикати на Меѓународната и Европска конфедерација на синдикати.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, вчера сподели видео на социјалните мрежи во кое, според нејзините тврдења, претседателот наССМ ги вози своите две малолетни деца со службено возило на синдикатот.