Со 4,67 милиони евра ќе се реконструира ученичкиот дом „Орде Чопела“ во Прилеп
Ќе се реконструира Училишниот дом „Орде Чопела“ – Прилеп, како дел од владиниот проект за реконструкција на училишни домови во државата. За таа намена се обезбедени 4.672.878 евра, со кои е предвидена комплетна реконструкција на објектот.
Во рамки на реконструкцијата е предвидена целосна замена на водоводната, електричната и топлотната мрежа, поставување на фотоволтаична централа заедно со енергетски ефикасно греење, замена на старите котли на нафта (како резервна варијанта за греење на објектот), новопроектиран систем за санитарна топла вода, термичка изолација на целиот објект, нова изолација на кровната конструкција, како и целосно внатрешно уредување. Реконструкцијата опфаќа и поставување на нови санитарни јазли, нов мебел и нови содржини во просториите за забава, одмор и рекреација, сè со цел постигнување на енергетска ефикасност според европските стандарди.
Реализацијата на проектот е предвидена да започне во средината на јули, а реконструктивните активности ќе се одвиваат етапно.
Инаку, Училишниот дом „Орде Чопела“ – Прилеп има капацитет за сместување на 333 ученици и студенти. Моментално во домот се сместени 166 ученици кои посетуваат настава во петте средни училишта во Прилеп, како и 20 студенти кои студираат на Економскиот факултет во Прилеп. Со реконструкцијата ќе се обезбеди енергетски поефикасно и поквалитетно сместување за учениците и студентите кои своето образование го продолжиле во Прилеп.
Ова е уште еден показател дека Општина Прилеп се грижи и инвестира во иднината на младите, со цел подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард, како и создавање подобри услови за учење и студирање.
Со проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови се опфатени вкупно девет студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.
Проектот се реализира со финансиска поддршка од 20 милиони евра од Германската развојна банка и грант од 4,8 милиони евра од Европската Унија, преку Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан.
