Интервју на министерката Божиновска за Капитал: Домашното производство е клучот за стабилни цени и енергетска сигурност
Енергетскиот сектор е во фокусот на бизнис-заедницата како инвестициска можност и алатка за создавање амбиент поволен за домашното стопанство. Пред речиси две години, енергетиката, заедно со рударството и минералните суровини, премина во надлежност на новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), ресор кој денес е еден од клучните двигатели на економските трансформации. Невообичаено за овие сектори е што за првпат жена управува со ресорното министертво.
Разговараме со министерката Сања Божиновска за актуелните теми во енергетиката, домашното производство, годишните планови за изградба на енергетски објекти, создавањето услови за развој и воведувањето нови правила и стандарди во рударството.
Г-ѓо Божиновска, 2025 година ја заокруживте како година на ред и стабилност. Сепак, влегуваме во 2026 година со сериозни предизвици. Кои се клучните приоритети на Министерството за годинава?
Минатата година ја поставивме основата за развој и модернизација на енергетиката во Македонија. Го донесовме Законот за енергетика и започнавме со имплементација. Практично, конечно енергетскиот систем се позиционира како темел на конкурентна економија, каде веќе имеме предвидливост за индустријата, за инвеститорите, за јавните установи, и за домаќинствата. Во 2025 воведовме системски пристап, координација со институциите, донаторите и меѓународните финансиски институции, со јасни приоритети како законодавство, инвестиции во обновливи извори на енергија (ОИЕ), модернизација на мрежите, дигитализација и енергетска ефикасност. Тоа е рамката што ја намалува цената на ризикот за бизнисот и ја зголемува сигурноста на снабдувањето, што директно се пресликува во економски раст.
За 2026 година, фокусот е ставен на конкретна имплементација на законот. Првпат во историјата на независна Македонија, лани воведовме Годишен план за изградба на енергетски објекти. Ова значи дека инвестициите ќе се реализираат според потребите на државата.
Од тој аспект моите три приоритети се јасни: зголемување на домашното производство, стабилизација на мрежата и заштита на стандардот на граѓаните преку енергетска ефикасност.
Целото интервју може да го прочитате на Капитал.мк
