Ќе се набавуваат 100 нови амбулантни возила, решен и паркингот на Клинички
Вчера на седницата на Владата, донесени се две важни одлуки со кои директно се подобрува функционирањето на јавното здравство во државата. Министерот за здравство, Азир Алиу најави 100 нови амбулантни возила со медицинска опрема за јавните здравствени установи низ државата.
„Со оваа одлука обезбедуваме средства за набавка на 100 нови амбулантни возила, со вкупна вредност од 461.250.000 денари, со преземање обврски во рамки на развојниот дел од буџетот во наредните четири години. Ова ќе значи побрза и поефикасна интервенција во итни случаи, навремен транспорт на пациенти до секундарно и терциерно ниво, подобра покриеност во урбаните и во руралните средини. Продолжување на постапката за решавање на проблемот со паркингот во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, напиша Алиу.
Како што вели, земјиштето на паркинг просторот ќе се запише во сопственост на Македонија, со што се отстранува административната пречка за потпишување на договор со ЈП „Градски паркинг – Скопје“.
„Со овој договор ќе се овозможи модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање, но и воспоставување ред. Предвидуваме комплетен мониторинг на паркирањето, информативни табли и дигитален водич што ќе ги насочува граѓаните. Целта која ќе ја постигнеме ќе биде пациентите и вработените да имаат функционален, безбеден и организиран пристап до комплексот клиники“, додаде министерот.
