Собранието избира нови министри за европски прашања и животна средина

Македонија, Политика

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 75. седница, на чиј дневен ред се изборот на новите министри за европски прашања и за животна средина.

Како прва точка е предлогот за разрешување на Орхан Муртезани од функцијата министер за европски прашања. За нов вицепремиер и министер за европски прашања е предложен актуелниот пратеник и поранешен министер за здравство Беким Сали.

Промените во владината структура следуваат по локалните избори одржани во октомври, откако Изет Меџити ја презеде градоначалничката функција во Општина Чаир. Меџити претходно ги извршуваше функциите прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање. За нов министер за животна средина Владата го предложи поранешниот владин портпарол Муамет Хоџа.

На дневен ред се и предлогот за именување на неизвршен член на Народна банка на Република Македонија, како и повеќе законски решенија, меѓу кои ратификација на Дополнителниот протокол 7 за решавање спорови во рамки на Централноевропскиот договор за слободна трговија, задолжување со заем кај Европска банка за обнова и развој за проектот „Обновување на товарниот возен парк“ на Железници на Република Македонија – Транспорт АД Скопје, како и измени на законите за игри на среќа и за данокот на додадена вредност, по скратена постапка.

Пред пратениците ќе се најдат и неколку предлог-одлуки за одобрување годишни програми на институции, меѓу кои програмата за работа на Агенција за пошти за 2026 година, програмата за работа и развој на Агенција за регулирање на железничкиот сектор, како и ревидираната фискална стратегија на Македонија за периодот 2026–2030 година.