Божиновска: Нашата економија не може да биде конкурентна без жените во енергетиката
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на конференцијата „Родовата еднаквост во фокусот на пристапувањето кон ЕУ: Патоказ за Северна Македонија“, одржана во Скопје во организација на Министерството за европски прашања и UN Women. Настанот обедини високи претставници на институциите, експерти и партнерски организации во заедничка цел – интегрирање на родовата еднаквост како централна компонента на европската интеграција.
Во своето воведно обраќање, министерката Божиновска истакна дека родовата рамноправност е темелна европска вредност и јасен услов за членство во ЕУ, но пред сè – е инвестиција во стабилноста, економскиот раст и одржливата иднина на државата.
„Европа јасно стави до знаење дека еднаквоста не е избор, туку стандард. А ние тој стандард го прифаќаме затоа што веруваме во држава без привилегирани и непривилегирани граѓани,“ нагласи министерката.
Таа потсети дека токму енергетиката – како стратешки сектор и политички столб на европската интеграција – останува област со најниско учество на жени, што не претставува само општествена неправда, туку и пречка за успешно водена зелена транзиција.
„Жените се најмалку застапени во техничките професии, енергетските иновации и лидерските позиции. Тоа е ограничување што мора да го надминеме ако сакаме модерна, европска и конкурентна економија, Рамноправноста не се случува сама од себе – таа се гради. Во сектор како енергетиката, каде жените често мора двојно да се докажуваат, моја обврска како лидер е да ја отворам вратата за други жени. Ако институциите создадат фер правила и јасни можности, талентот ќе се истакне,“ порача Божиновска.
Министерката го истакна и фактот дека Министерството за енергетика денес е институција со целосен родов баланс – 50% жени и 50% мажи – што, како што нагласи, е доказ дека институциите можат и мора да бидат двигател на еднаквоста.
Во обраќањето беше најавено дека принципите на еднаков третман, еднаква плата, недискриминација и родово вклучување ќе бидат интегрирани во сите клучни енергетски реформи.
Министерката ја поздрави соработката со UN Women и изработката на десетте родови GAP анализи, кои ќе бидат основа за нови мерки, статистички показатели и политики засновани на докази.
„Зелената транзиција нема да успее ако половина од населението остане надвор од процесот. Нашата обврска е да креираме систем кој е стабилен, европски и праведен – систем во кој секоја жена има пристап до образование, технологија, иновации и лидерски позиции во енергетиката, Европа не гради нов енергетски систем за да ја повтори неправдата од стариот. Европа гради систем во кој секој добива шанса да придонесе – и ние мора да бидеме дел од таа визија,“ подвлече Божиновска.
Конференцијата заврши со повик за засилена координација меѓу институциите, донаторите и граѓанскиот сектор, како и со заедничка оценка дека Северна Македонија има потенцијал да стане регионски лидер во создавањето инклузивна и родово еднаква зелена транзиција.
